Од дигитална заштита до паметно управување со финансии: ЗНМ одржа две обуки за новинарите

Како да ги заштитиме нашите уреди и информации во дигиталниот свет? Како да препознаеме безбедносни ризици при користењето нови технологии и како подобро да управуваме со личните финансии? Ова беа дел од прашањата на кои одговор бараа новинарите и медиумските работници за време на двете тематски обуки што што се одржаа на 16 и 17 октомври во Скопје.
Во рамките на Тренинг-академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ), дводневната програма ги обедини темите нови технологии, дигитална безбедност и финансиска писменост, со цел учесниците да добијат применливи знаења и алатки кои ќе им бидат корисни како во професионалното, така и во секојдневното работење.
Првиот ден беше посветен на дигиталната безбедност и предизвиците што ги носи новата технолошка реалност. На оваа тема обука држеше Александар Манасиев кој зборуваше за основите на дигиталната заштита, безбедното користење на уредите, лозинките и автентикацијата, онлајн безбедноста на новинарките, како и за примената на вештачката интелигенција во современото новинарство. Посебен акцент беше ставен на безбедноста во редакциското работење и на начините за препознавање и намалување на дигиталните ризици.



Вториот ден беше посветен на финансиската писменост, со практични насоки за подобро планирање и управување со личните финансии. Финансиската експертка Кристина Куновска им помогна на учесниците се запознаат со основите на финансиското одлучување, планирањето буџет, стратегиите за штедење, управувањето со долгови и основите на инвестирањето. Преку практични вежби, тие имаа можност да ги применат стекнатите знаења и да размислат за сопствените финансиски навики, приоритети, како и стекнатото знаење да го применат при обработка на економски теми во професионалното новинарско работење.
Двете обуки понудија комбинација од презентации, интерактивни дискусии и практични вежби, но и простор за размена на искуства меѓу колегите од различни медиуми.



Со ваквите активности, ЗНМ продолжува да инвестира во професионалниот развој на новинарите и медиумските работници, препознавајќи дека современото новинарство бара постојано надградување на вештините.
Фото: ЗНМ
Обуките се одржаа со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамки на проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“. За содржината е одговорно исклучиво Здружението на новинарите на Македонија и таа нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.
