Претставници на Здружението на новинари на Турција од Анкара во посета на ЗНМ

ЗНМ беше домаќин на работна средба со делегација од Здружението на новинари на Турција од Анкара, на која се разговараше за состојбата со медиумските слободи, безбедноста на новинарите, професионалните стандарди и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете организации.
Во рамки на средбата, претставниците на ЗНМ ги презентираа своите активности, со посебен фокус на заштитата на новинарите и унапредувањето на медиумските слободи, правната и институционалната поддршка за новинарите, како и застапувањето за подобрување на условите за слободно и професионално новинарство.

Пред претставниците на Здружението на новинари на Турција од Анкара беше презентиран и новиот Етички кодекс на новинарите, како важен инструмент за унапредување на професионалните стандарди и одговорното новинарство. Беше разговарано за значењето на јасни професионални и етички стандарди во услови на брзи промени во медиумскиот простор, дигитализацијата и појавата на нови предизвици за новинарската професија.
Од своја страна, претставниците од Анкара ги претставија своите активности и искуства, како и актуелните предизвици со кои се соочуваат новинарите и професионалните медиумски организации во Турција. Во текот на разговорот беа идентификувани повеќе заеднички теми и предизвици, особено во делот на безбедноста на новинарите, заштитата на професионалните стандарди и создавањето услови за независно новинарство.
Особено значајно е што и ЗНМ и Здружението на новинари на Турција од Анкара се полноправни членки на Европската федерација на новинари (EFJ). Заедничкото членство во најголемата организација која ги претставува новинарите во Европа претставува дополнителна можност за размена на искуства, заедничко застапување и поврзување на професионалните организации од различни европски и регионални средини.

На средбата беше отворено и прашањето за потенцијална идна соработка меѓу двете организации, особено преку заеднички активности, размена на искуства и добри практики, како и иницијативи насочени кон заштита на новинарите и унапредување на медиумските слободи. Беше оценето дека ваквата соработка може да има дополнителна вредност во регионален контекст, преку поврзување на новинарските организации и создавање простор за заеднички одговор на предизвиците со кои се соочува професијата.
