Основани сме во 1946 година и членови на Меѓународната федерација на новинарите. ЗНМ е независно, самостојно, невладино и непартиско здружение, чија цел е да биде промотор и заштитник на професионалните стандарди и на слободата на изразување.
Посебни цели и задачи на ЗНМ
- Одбрана на слободата на печатот, радиото, телевизијата и на другите медиуми;
- Борба против нивната злоупотреба, создавањето монополи и било какви форми на цензура на штета на вистинитото, целосното, непристрас-ното и навременото информирање на јавноста;
- Заштитување и унапредување на слободите, правата и одговорноста на новинарите, врз основа на Уставот и законите на Република Македонија, Статутот и актите на ЗНМ, како и меѓународните документи што се однесуваат на слободата на јавните гласила, и остварувањето на изразувањето и информирањето како основни човекови права;
- Заштита на угледот и достоинството на новинарот и новинарската професија и ја заштитува и поттикнува слободата на критичкиот и креативниот труд; и
- Застапување на членовите, претставување пред општествената заедница, активно учество при подготовката на законските прописи и меѓународни конвенции од интерес на професијата и одбрана на професионалниот интерес согласно Кодексот на новинарите на Македонија.
Нашата Визија
Новинарите во Република Македонија работат во медиуми каде се обезбедени основните права и слободи, гарантирани се професионалните и материјалните услови за работа, постои висока солидарност меѓу нив во случаи на прекршување на слободата на изразување и се потврдени професионалните стандарди, етика и интегритетот на новинарската професија.
Нашата Мисија
ЗНМ е водечка национална организација која ги обединува новинарите во РМ за заштита на слободата на говорот, независноста на медиумите, преку залагање за почитување на највисоките европски стандарди за работа на медиумите и на новинарите. Се стреми кон зголемување на новинарската солидарност и заедништво, како и кон подигање на професионалното ниво и етичките норми на новинарите вo РМ.