СТАТУТ
на
Здружението на новинарите на Македонија
Преамбула

 

Со цел унапредување на дејствувањето на Здружението на новинарите на Македонија заради усогласување со потребите за поефикасно и
поцелесообразно застапување на интересите на членовите и унапредување на општествениот и правниот амбиент за работење и развој на новинарската
професија, со овој Статут се уредуваат основните и посебните начела организацијата, дејствувањето, претставувањето и застапувањето на Здружението на новинарите на Македонија во согласност со интересите на членството и позитивното право .

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1

Здружението на новинарите на Македонија е здружение на граѓани формирано со слободно здружување на новинарите во Република Северна Македонија, заради
остварување на професионалните интереси во заштитата на правото и слободата на професијата, јавното информирање и јакнењето на професионалната самостојност и етика.

Член 2

Здружението на новинарите на Македонија дејствува на територијата на Република Северна Македонија и е независно, самостојно, невладино, непартиско
и непрофитно здружение на доброволно здружени новинари, кои дејствуваат на или од територијата на Република Северна Македонија.

Член 3

Здружението на новинарите на Македонија своите цели, задачи и дејности ги остварува во согласност со Уставот и со законите на Република Северна Македонија и со Статутот на Здружението на новинарите на Македонија.

Член 4

Полното име на Здружението е: Здружение на новинарите на Македонија.Скратеното име е ЗНМ.
Името на здружението на англиски јазик, со латинско писмо гласи: Association of Journalists of Macedonia.Седиштето на Здружението на новинарите на Македонија е во Скопје.

Член 5

Здружението на новинарите на Македонија има својство на правно лице. Здружението на новинарите на Македонија има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и во него е втиснат текстот: Здружение на новинарите на Македонија – Скопје. Во средината е втиснат амблемот на ЗНМ.
Штембилот на ЗНМ е правоаголен, со текст за името и амблемот на ЗНМ. ЗНМ има свој амблем. ЗНМ води Регистар на своите членови којшто е јавен и се ажурира редовно.

Член 6

Здружението на новинарите на Македонија го претставува и го застапува неговиот Претседател.

Член 7

Работата на Здружението на новинарите на Македонија е јавна.Јавноста во работата се обезбедува со редовно известување на членовите на ЗНМ, со увид во спроведувањето на програмските задачи, со поднесување извештаи за работата на органите и телата на ЗНМ и за материјалното и финансиското работење.Јавноста во работата се обезбедува и се остварува со јавно информирање, како и со доставување материјали на средби и состаноци преку постојните органи и тела на ЗНМ, со комуникација преку електронска пошта со членството и преку вебстраницата на ЗНМ.

ЦЕЛИ
Член 8

Општата цел и задача на ЗНМ е дејствување низ сите допуштени облици во насока на унапредување на општествениот и правниот амбиент за развој и
постоење на новинарството и новинарската професија. Посебни цели и задачи на Здружението на новинарите на Македонија се:
1. Бранење на слободата на медиумите;
2. Дејствување против злоупотреба на медиумите, против создавање монополи и какви било форми на цензура;
3. Заштита на новинарите од злоупотреба од сопствениците на медиумите;
4. Заштита на угледот и достоинството на новинарите и новинарската професија;
5. Заштита и поттикнување на слободата на критичкиот и креативниот дух;
6. Унапредување на професионалните и етичките стандарди;
7. Унапредување на социјалниот и материјалниот статус на новинарите;
8. Застапување на членовите и нивно претставување пред општественатазаедница, активно учество при подготовка на законските прописи и меѓународните настани од интерес на професијата и при одбраната на професионалниот интерес во согласност со Кодексот на новинарите на Македонија;
9. Обезбедување на правна помош на членовите на Здружението.

Член 9

ЗНМ ги остварува заштитата на слободата, правата и интересите на новинарите,и преку:
1. Јавен протест;
2. Информирање на домашните и меѓународните организации, институции и медиуми;
3. Информативен бојкот;
4. Информативен молк;
5. Повик на штрајк.

Собрание
Член 10

• Целите на Здружението на новинарите на Македонија се остваруваат преку:
• Соработка со синдикатите што ги опфаќаат новинарите во Република Северна Македонија;
• Соработка со граѓански организации и јавни институции за развој на информирањето во земјата и во странство;
• Соработка и членство во меѓународните новинарски асоцијации и во новинарските синдикати, како и со новинарски асоцијации на одделни земји;
• Обезбедување на правна помош за заштита на професионалната и материјалната положба и достоинство на новинарот, неговата независност и правото на индивидуално изразување;
• Обезбедување фондови за социјална и материјална помош на новинарите што ќе може да се користат со акт на Управниот одбор на ЗНМ;
• Развивање на соработката и на професионалната и колегијална солидарност меѓу новинарите и медиумите;
• Организирање стручни и научни собири и поттикнување на професионалната едукација.

III. ЧЛЕНУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ
Член 11

Член на ЗНМ може да биде секој новинар во Република Северна Македонија кој ги исполнува условите за членство согласно на Статутот и со актите на Здружението.
ЗНМ има редовни, почесни и придружни членови.

Член 12

Редовен член може да биде новинар кој најмалку една година се занимава со новинарство. Придружни членови може да бидат лица кои соработуваат со ЗНМ на теми поврзани со слободата на изразување, кои повремено се занимаваат со новинарство или поранешни редовни членови чие членство од причини наведени во Статутот на ЗНМ постојано или повремено преминало во придружно. ЗНМ прима и почесни членови, со одлука на мнозинството членови на Управниот одбор. Почесни членови може да бидат и странци.

Член 13

Членството, редовното и придружното, се воспоставува со доброволно потпишана писмена изјава-пријава и со издавање членска книшка.
Одлука за приемот во членство со мнозинство гласови на Комисијата за членство. Против одлуката на Комисијата за членство може да се поднесе жалба Управниот
одбор или до Собранието на ЗНМ.

Член 14

Доколку редовен член на ЗНМ престане да ги исполнува условите за членство од чл. 12 ст. 1, а ги исполнува условите за придружен член од ст. 2, по автоматизам
станува придружен член, освен ако тоа не е во спротивност со новинарската професија.

Член 15

Пензионираните новинари го задржуваат статусот на редовни членови.Доколку редовен член на ЗНМ остане без работа, го задржува статусот на редовен
член додека е невработен.Новинарите кои поминале 20 години како редовни членови, а престанале да се занимаваат со професионално новинарство, може да останат како придружни членови на ЗНМ. Македонските граѓани кои престојуваат привремено или постојано во странство, а се занимаваат со професионално новинарство, како и македонски државјани со постојан престој во Северна Македонија кои работат за странски медиуми, може да бидат редовни членови на ЗНМ.

Член 16

Дефинирањето на условите и начинот на зачленување, категориите на членство,правата и обврските од членството, преминот од еден во друг вид членство,
членарината и начинот на престанокот на членство, како и други услови поради кои може да се смени статусот на членот поблиску ќе се уредат со посебен
Правилник за членство и членарини.

Член 17

Под поимот „новинарство“ во овој Статут и во актите на Здружението, се подразбира :
• Објавени пишувани, изговорени, сликовни или on line статии: извештај, вест,коментар (белешка или осврт, општествена хроника, статија, рецензија), критика, карикатура, есеј, интервју, репортажа, патопис, цртички, како и наслови, најави и редактура;
• Уредување и редакција на текстови;
• Уредувачки работи во уредништвата на печатените и електронските медиуми и новинските агенции, како и на интернет порталите;
• Информирање со фотографија, електронска слика, филм и карикатура што ги објавуваат професионални фоторепортери, сниматели и карикатуристи, но
само доколку им е тоа главно занимање.

Член 18

Правата на редовниот член на ЗНМ се:
• Да избира и да биде избран во органите и телата на ЗНМ;
• Да изнесува мислења и ставови за работата на органите и телата на ЗНМ;
• Да поседува членска книшка на ЗНМ и на Меѓународната новинарска федерација (International Federation of Journalists, IFJ);
• Да ја користи правната заштита што ја обезбедува ЗНМ;
• Да ги користи фондовите на ЗНМ согласно со актите на тие фондови;
• Да ги користи придобивките што ги овозможува ЗНМ и IFJ;
• Да ја користи стручната помош што ја обезбедува ЗНМ.
Придружните членови имаат право на Собранието на ЗНМ да изнесуваат мислења за работата на органите и телата на ЗНМ, да ја користат правната заштита за
новинарската работа и да поседуваат членска книшка на ЗНМ и на Меѓународната новинарска федерација. Придружните членови немаат право да одлучуваат за
Статутот на ЗНМ и да гласаат за избор на органите на ЗНМ , ниту да бираат или да бидат бирани Придружниот статус е назначен во членската книшка на ЗНМ.
Почесните членови имаат право да ја следат работата на Собранието на ЗНМ, без право на свои претставници во Собранието на ЗНМ и учество во одлучувањето.
Почесното членство е назначено во членската книшка на ЗНМ.

Член 19

Обврски на членот на ЗНМ се:
• Совесно да ја извршува својата професионална должност, почитувајќи ги Кодексот на новинарите на Македонија, Статутот на ЗНМ и одлуките на
неговите тела и органи;;
• Редовно да ја плаќа членарината;
• Да ги почитува обврските што произлегуваат од членството на ЗНМ во Меѓународната новинарска федерација и во другите меѓународни здруженија.

Член 20

Членството во ЗНМ престанува:
• Со доброволно излегување од ЗНМ и враќање на членската книшка;
• Заради неплаќање на членарината;
• Со исклучување поради неизвршување на обврските предвидени со членството во ЗНМ;
• При губење деловна способност или во случај на постоење правосилна кривична пресуда за дело што го прави недостоен за членство во ЗНМ.
Од оправдани причини членот може да биде ослободен од плаќање членарина, за што решава во постапка Комисијата за членство.
Одлука за престанување на членството во ЗНМ со мнозинство гласови донесува Управниот одбор на ЗНМ, според сопствен предлог, според предлог на
Регионалниот центар или според предлог на Советот на честа на ЗНМ. Против одлуката на Управниот одбор може да се поднесе жалба на следното Собрание на
ЗНМ. Престанокот на членство во ЗНМ не значи и ослободување од не платени обврски кон ЗНМ.

ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗНМ
Член 21

ЗНМ остварува средства од:
• Членарини;
• Донации;
• Правни лица основани од страна на ЗНМ;
• Проекти и грантови;
• Јавни овластувања;
• Сопствени извори;
• Други услуги и извори допуштени со позитивното право.

Член 22

Користењето и располагањето со средствата на ЗНМ се врши на начин утврден со Статутот.

УПРАВУВАЊЕ СО ЗНМ
Член 23

Со ЗНМ управува членството непосредно и преку своите избрани претставници во органите на ЗНМ.

Член 24

Органи на ЗНМ се:
• Собранието;
• Управниот одбор;
• Претседателот;
• Надзорниот одбор;
• Советот на честа;
• Работните групи и другите тела кои може да бидат постојани и привремени, а кои се основаат од органите на ЗНМ во рамките на нивните надлежности.

Член 25

Права и обврски на избраните членови на Органите на ЗНМ се:
• Да ги спроведуваат одредбите од овој статут;
• Да ги застапуваат интересите и ставовите на членството;
• Да придонесуваат за развојот на ЗНМ;
• Да предлагаат и да решаваат прашања од заеднички интерес;
• Да работат на спроведувањето на заедничките и другите активности што произлегуваат од Статутот.

СОБРАНИЕ НА ЗНМ
Член 26

Собранието е највисок орган на управување со ЗНМ.

Член 27

Собранието го сочинуваат сите редовни членови на ЗНМ.

Член 28

Собранието работи на седници согласно со Статутот и Правилникот за работа на Собранието кој поблиску ги определува условите, начините, потребното
мнозинство и постапките за свикување, работење и носење одлуки на Собранието и изборот на лица, органи и тела во негова надлежност.
Правилникот за работа го подготвува и го предлага Управниот одбор, а го усвојува Собранието.

Член 29

Собранието се свикува со повик до членството.

Член 30

Собранието може да биде свикано како:
• Редовно изборно Собрание;
• Редовно неизборно Собрание;
• Собрание Вонредно изборно Собрание Вонредно неизборно Собрание;
• Собрание.
Редовното изборно Собрание на ЗНМ се свикува еднаш на секои четири години, за избор на Претседател, членови на Управниот одбор, членови на Советот на честа
и членови на Надзорниот одбор. Редовното неизборно Собрание на ЗНМ се свикува најмалку еднаш годишно.Собрание Вонредното изборно или неизборно Собрание се свикува по потреба.

Член 31

Потребниот кворум за работа на Редовното и на Вонредното изборно Собрание и за донесување полноважни одлуки се обезбедува со присуство на најмалку 15%
од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ. Потребниот кворум за работа на Редовното и на Вонредното неизборно Собрание и за донесување полноважни одлуки се обезбедува со присуство на најмалку 15% од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ.

Член 32

Собранието одлучува по пат на гласање.Гласањето е јавно, освен за изборот на Претседател, членови на Управниот одбор, членови на Советот на честа и членови на Надзорниот одбор. По исклучок Собранието може да реши, покрај одлуките од став 2 на овој член и други одлуки, да бидат предмет на тајно гласање. Одлуката за тајно гласање од став 3 на овој член се носи со јавно гласање.

Член 33

Одлуките се носат со мнозинство гласови од присутните, освен, доколку поинаку не е определено со Правилникот за работа на Собранието.
Одлуката за престанок на ЗНМ се донесува со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на редовните членови.

Член 34

Кандидатурите и изборот на Претседателот на ЗНМ, членовите на Управниот одбор, на Советот на честа и на Надзорниот одбор се спроведуваат во посебни
постапки на кандидирање и гласање определени со соодветните посебни правилници и со Правилникот за работа на Собранието. Претседателот на ЗНМ се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание. Претседателите на Советот на честа и на Надзорниот одбор се избираат од редот на нивните членови во постапка и на начин утврдени со Правилникот за избор и работа на Советот на честа односно Правилникот за избор и работа на Надзорниот одбор. За членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на честа се избрани оние кандидати кои ќе добијат најмногу гласови од присутните членови наизборното собрание.

Член 35

За постигнување избалансираност на избраните органи и тела во ЗНМ, при кандидирањето и изборот на членовите на органите и телата во ЗНМ особено се
води сметка за соодветната етничка, полова и регионална застапеност на кандидатите.

Член 36

Собранието на ЗНМ :
• Донесува Статут на ЗНМ и врши негови измени и дополнувања;
• Избира и разрешува Претседател на ЗНМ, членови на Управниот одбор,членови на Надзорниот одбор и на Советот на честа;
• Донесува Деловник за работа, правилници и други акти;
• Донесува Стратегија за работа за период од три години;
• Донесува Финансиски план, одлука за располагање со средствата и нивно отуѓување, и усвојува Ревизија за финансиското работење на ЗНМ;
• Го разгледува и го усвојува извештајот на Управниот одбор, Претседателот, Надзорниот одбор и Советот на честа;
• Донесува акти, одлуки, заклучоци и препораки за решавање прашања од работата на ЗНМ;
• Востановува признанија и награди и, на предлог на Управниот одбор, донесува акти со критериуми и постапка за нивно доделување;
• Со двотретинско мнозинство од вкупното членство донесува Одлука за престанок на работата на ЗНМ;
• Одлучува по жалби;
• Одлучува по други прашања од интерес на ЗНМ;
• Одлучува за располагање со трајни материјални добра на начин и во постапка пропишана со посебен акт.

Член 37

Редовно изборно и неизборно или Вонредно изборно и неизборно Собрание свикува Претседателот на ЗНМ.
Редовно изборно и неизборно или Вонредно изборно и неизборно Собрание се свикува и:
• По писмен предлог на најмалку две третини од членовите на Управниот одбор на ЗНМ;
• По писмен предлог на најмалку две третини од членовите Надзорниот одбор на ЗНМ;
Доколку една третина од членовите на ЗНМ по писмен пат предложат свикување на Редовно или Изборно Собрание, Претседателот на ЗНМ е должен најдоцна 15
дена од поднесувањето на предлогот да свика Редовно или Изборно Собрание што ќе се одржи не подоцна од 60 дена од поднесувањето на иницијативата.
Доколку претседателот во рок од 15 дена од денот на добиениот предлог не свика седница на Собранието, седницата со повик до членството ја свикува Управниот
одбор со поддршка од најмалку две третини од своите членови.

УПРАВЕН ОДБОР НА ЗНМ
Член 38

Управниот одбор брои 11 члена. Го сочинуваат Претседателот на ЗНМ и десет членови избрани од Собранието со тајно гласање.
Мандатот на членовите на УО трае четири години, со можност за повторен избор.
Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во Управниот одбор на некој член, новиот член на Управниот одбор, кој ќе го замени,
ќе го доврши неговиот мандат. Управниот одбор може полноважно да работи, доколку бројот на неговите членови не падне под седум, по што се смета дека дошло до распуштање на Управниот одбор. Претседателот на ЗНМ е Претседател на УО.
Управниот одбор од редот на своите членови овластува заменик на Претседателот на Управниот одбор кој го заменува Претседателот на Управниот
одбор во случај на негово отсуство или привремена спреченост.

Член 39

УО за својата работа одговара пред Собранието на ЗНМ. УО се состанува според потреба, а најмалку четири пати годишно.
Седницата на УО ја свикува Претседателот на ЗНМ, а во негово отсуство овластениот Заменик претседател.
Начинот на работењето и носењето одлуки на УО се уредува со Правилникот за избор и работа на УО.

Член 40

Управниот одбор:
• Ги спроведува статутарните и програмските задачи на ЗНМ, како и одлуките и заклучоците на Собранието;
• Донесува Годишна програма за работа;
• Предлага измени и дополнувања на Статутот;
• Свикува седница на Собранието на ЗНМ, во согласност со Статутот;
• Подготвува и поднесува до Собранието Финансиски план и Завршна сметка на ЗНМ и го доставува Ревизорскиот извештај до Собранието;
• Донесува правилници и одлуки за прифаќање спогодби;
• Донесува Одлука за висината на членарината;
• Донесува одлуки за основање правни лица, согласно со закон;
• Избира, именува и разрешува Извршен директор на ЗНМ по пат на јавен конкурс, со мнозинство гласови од членовите на УО;
• Донесува одлуки за прием и престанок во членството на ЗНМ на предлог на Комисијата за членство;
• Донесува одлуки за формирање постојани и повремени работни тела и ја насочува нивната работа;
• Донесува одлуки за набавка и отуѓување основни средства за работа на ЗНМ, за печатење стручна литература и за други потреби;
• На предлог од редовните членови на ЗНМ во Регионалните центри, од најмалку два кандидати именува Координатори на Регионалните центри на
ЗНМ со мандат од четири години. Во случај на неспроведување на Програмата на ЗНМ и/или непочитување на Статутот и/или Кодексот на ЗНМ, со
мнозинство гласови од членовите на УО, УО може да разреши именуван координатор и пред истекот на неговиот мандат;
• Формира Стручна служба на ЗНМ и на предлог на Извршниот директор усвојува Правилник за нејзината работа;
• Остварува меѓународна соработка на ЗНМ;
• Донесува и други одлуки што ќе произлезат од тековното работење.

Член 41

УО формира постојани работни тела, и тоа:
• Комисија за членство;
• Комисија за правни прашања;
Комисиите бројат од три до пет членови, а по нивните предлог-одлуки решава УО.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗНМ
Член 42

За Претседател на ЗНМ може да биде избрано лице кое ги има подмирено сите обврски кон ЗНМ и кое има најмалку 8 години професионално искуство.
Мандатот на претседателот на ЗНМ е четири години со право на повторен реизбор.
Претседателот на ЗНМ:
• Го претставува и го застапува ЗНМ;
• Ги свикува и претседава со седниците на УО;
• Ги спроведува одлуките на Собранието на ЗНМ и на УО;
• Ги потпишува актите што ги донесува Собранието, УО и другите акти што ги склучува ЗНМ;
• Ги прогласува наградите и признанијата на ЗНМ;
• Потписник е на сметките на ЗНМ;
• Врши и други работи што ќе му ги додели Собранието и УО, во согласност со Статутот и со другите општи акти и преземени обврски на ЗНМ.
Во случај на трајна спреченост или постапка за смена на Претседателот, се свикува вонредно Собрание во рок од најмногу 60 дена.

НАДЗОРЕН ОДБОР НА ЗНМ
Член 43

Надзорниот одбор (НО) брои пет членови кои од редовите на ЗНМ ги избира Собранието на ЗНМ.
Членовите на НО од својот состав избираат Претседател на НО. Мандатот на членовите на НО е четири години, без право на повторен избор.
Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во Надзорниот одбор на некој член, новиот член на Надзорниот одбор, кој ќе го
замени, ќе го доврши неговиот мандат. Надзорниот одбор може полноважно да работи, доколку бројот на негови членови не падне под три, во кој случај се смета дека дошло до негово распуштање.

Член 44

Надзорниот одбор:
• Врши контрола врз примената на Статутот и врз другите општи акти на ЗНМ;
• Врши контрола врз материјално-финансиското работење на ЗНМ;
• Врши контрола врз наменското располагање со средствата и приходите на ЗНМ;
• Најмалку еднаш годишно до Собранието на ЗНМ поднесува Извештај за своите наоди и одлуки;

СОВЕТ НА ЧЕСТА
Член 45

Советот на честа е орган на ЗНМ.
Советот на честа брои пет членови кои ги избира Собранието на ЗНМ од редовните членови на ЗНМ.
Работниот кворум е три члена.Членовите на Советот на честа од својот состав избираат Претседател.
Мандатот на членовите на Советот на честа е четири години, со можност за повторен избор.Мандатот е неделив. Во случај на предвремен престанок на членството во
Советот на честа на некој член, новиот член на Советот на честа, кој ќе го замени,ќе го доврши неговиот мандат.
Советот на честа поднесува годишен извештај за својата работа до Собранието на ЗНМ.Тековното оперативно организирање и работење се уредува со акти што ги
предлага Советот на честа до Управниот одбор а го усвојува Собранието.

Член 46

Советот на честа:
• Го следи остварувањето на начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
• Разгледува случаи и покренува постапки што се однесуваат на членови на ЗНМ;
• Самостојно јавно реагира и изнесува вредносни мислења/судови во случај на повреда на начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
• Самостојно покренува или предлага расправа во другите тела на ЗНМ за појавите во јавното информирање со што се кршат начелата и одредбите на
Кодексот на новинарите на Македонија;
• Покренува иницијативи до Управниот одбор на ЗНМ за промена на законски одредби или подзаконски акти што ги оневозможуваат или ги кршат начелата и
одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија;
• Ангажира надворешни експерти и консултанти за потребите на своето работење.

СТРУЧНА СЛУЖБА
Член 47

Стручната служба ја сочинуваат Извршниот директор и другиот персонал.
Извршниот директор го избира персоналот, раководејќи се од принципите на ефикасност, компетентност, интегритет и расположливи ресурси.
Организацијата и работата на Стручната служба се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на предлог на Извршниот директор.

Член 48

Делокругот на работата на Стручната служба е да ги врши стручните, организационите и административните работи на ЗНМ, ги сервисира органите на
ЗНМ и ги администрира политиката и програмите одобрени од ЗНМ.
Стручната служба:
• Ги следи и ги анализира професионалните и општествените трендови од областа на работата на ЗНМ;
• Ги подготвува седниците на Собранието и на Управниот одбор на ЗНМ;
• Го ажурира редовно, а најмалку еднаш годишно, Регистарот на членство на ЗНМ;
• Ги раководи и ги координира планираните активности на ЗНМ, утврдени со годишниот и со финансискиот план за работа;
• Ги подготвува среднорочните и годишниот план за работа и финансискиот план;
• Раководи со финансиските средства за обезбедување максимална повратност, мобилизира нови фондови, преговара и му предлага на Претседателот
склучување договори со донатори и со други финансиери а го известува Управниот одбор за истото;
• Врши канцелариски работи, води преписки, ја води и ја чува архивата и реализира сметководство;
• Поднесува извештаи за работа и финансиски извештаи;
• Подготвува документација и се грижи за спроведување на програмските активности, врши нивна анализа и оценка;
• Ангажира стручна помош надвор од ЗНМ за потребите на ЗНМ;
• Одржува односи со јавноста.

ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР
Член 49

Извршниот директор е професионално вработен во ЗНМ.
Извршниот директор е одговорен пред Управниот одбор.
Мандатот на Извршниот директор е четири години, со право на повторен избор.

Член 50

Извршниот директор е главен административен службеник на ЗНМ.
Тој учествува во работата на Собранието и на Управниот одбор без право на глас.Извршниот директор го води и го раководи работниот процес во Стручната служба
на ЗНМ, ја планира, ја организира и ја спроведува нејзината работа. Извршниот директор е потписник на сметката на ЗНМ со ограничување утврдено
од Управниот одбор. Правата и обврските, како и описот на работните задачи на Извршниот директор се утврдуваат со менаџерски договор што ќе се подготви од Управниот одбор и што извршниот директор ќе го склучи со Претседателот.
Извршниот директор, пред сè и особено:
• Ги следи и ги анализира состојбите и проблемите во дејноста на ЗНМ;
• Комуницира и соработува со други сродни домашни и меѓународни организации и институции;
• Се грижи за стратегиското планирање во ЗНМ и пред Управниот одбор предлага периодични и годишни програми и планови за работа и финансиски планови;
• Одговорен е за извршување на програмата и на планот за работа, како и на финансискиот план;
• Поднесува периодични и годишни извештаи за работа и финансиски извештај до Собранието, преку Управниот одбор;
• Ги подготвува актите за организација и работа на Стручната служба и ги воспоставува и ги оценува показателите за работните достигнувања на
Стручната служба;
• Врши и други работи во негова надлежност доверени од Управниот одбор и од Собранието на ЗНМ, согласно со Законот, Статутот и со општите акти на ЗНМ.

РЕГИОНАЛНИ ЦЕНТРИ И СЕКЦИИ
Член 51

Регионалните центри на ЗНМ се форма на територијално организирање на членовите на ЗНМ заради поефикасно дејствување на ЗНМ.
Регионалните центри се организираат според функционалноста и територијалната припадност.
Регионалните центри се формираат со одлука на Управниот одбор на ЗНМ.
Со Регионалниот центар раководи Координатор избран од членовите од соодветниот регион.
Организацијата и работата на Регионалните центри се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на ЗНМ.

Член 52

Регионалниот центар:
• Ги спроведува активностите на ЗНМ на регионално ниво, согласно со начелата и одредбите на Кодексот на новинарите на Македонија со целите на ЗНМ
утврдени со овој Статут и со годишните програмски определби на ЗНМ; ;
• Иницира постапки пред Советот на честа од неговиот делокруг на работа;
• Поднесува периодични извештаи до Управниот одбор на ЗНМ за активностите и финансиските средства доделени за работа на Регионалниот центар;
• Се грижи за застапеност на професионалните интереси и права на своите членови во ЗНМ.

Член 53

Заради подобра координација и професионална застапеност на интересите и правата на специјализирани групи новинари, како и за размена на искуства и
заедничко дејствување во областите на својата професионална специјализираност, во ЗНМ може да се основаат Секции.
Статутарна одлука за формирање Секција донесува Управниот одбор на ЗНМ на иницијатива од најмалку десет редовни членови на ЗНМ.
Организацијата и работата на Секцијата се уредува со акти што ги донесува Управниот одбор на ЗНМ на предлог на Секцијата, преку Извршниот директор на
ЗНМ. Секцијата може да предлага активности и иницијативи до Управниот одбор и до Советот на честа на ЗНМ.

НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА
Член 54

ЗНМ ги воспоставува следниве награди и признанија:
1. Награда „Крсте Петков Мисирков“ се доделува за животно дело,
2. Награда „Јашар Еребара“ [1]се доделува за: – Едногодишно остварување во новинарството и
3. Посебни признанија за новинари кои работат во медиумите во дијаспората.
4. Посебни признанија за поединци и институции кои ја помагаат работата на ЗНМ. По исклучок ЗНМ може воопшто да не додели или пак да додели и други награди и
признанија.

ПРЕСТАНОК НА РАБОТА НА ЗНМ
Член 55

ЗНМ ќе престане со работа:
– Ако за тоа на Редовно или на Вонредно свикано Собрание одлучат најмалку две третини од вкупниот број на редовните членови на ЗНМ;
– Ако бројот на членовите се намали под бројот определен за основање на здружението;
– Ако настанат услови предвидени во закон или во друг пропис што се однесува на работењето и постоењето на Здружението.

Член 56

По законскиот престанок на работа на ЗНМ, имотот и другите права и приходи што остануваат, по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на
легитимен правен наследник. Во спротивно, имотот останува во сопственост на државата.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 57

Согласно овој Статут, приоритетни правилници кои ја прецизираат работата на ЗНМ, а кои се во надлежност на Собранието се:
• Правилник за членство и членарини;
• Правилник за избор и работа на Управниот одбор;
• Правилник за избор и работа на Надзорниот одбор;
• Правилник за работа на Собранието;
• Правилник за избор и работа на Претседателот на ЗНМ
• Правилник за избор и работа на Советот на честа;
• Правилник за избор и работа на Верификационата комисија
Согласно овој статут следните правилници кои ја прецизираат работата на ЗНМ, а чие донесување е делегирано на Управниот одбор се:
• Правилник за основање и работа на секции, работни групи и други тела;
• Правилник за работа на Регионалните центри;
• Правилниците од став 2 на овој член Управниот одбор е должен да ги изготви и донесе во рок од 30 дена по своето конституирање.

Член 58

Измени и дополнувања на Статутот ги носи Собранието на предлог на Управниот одбор кои стапуваат на сила веднаш.
Автентично толкување на одредбите на овој Статут дава Собранието на ЗНМ на седница на Собранието.
Помеѓу две собранија, толкување на одредбите на Статутот дава Управниот одбор на ЗНМ.