ЗНМ организираше обука за етичко известување за процесот на европска интеграција

Како сложените процеси во Брисел да им ги доближиме на граѓаните на јасен и разбирлив јазик? Како да препознаеме манипулација во информациите и да направиме разлика меѓу точен факт и погрешен заклучок? Овие прашања беа во фокусот на еднодневната обука за новинари и медиумски работници на тема „Етичко известување за процесот на ЕУ интеграции“, која Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја реализираше на 21 октомври во Клубот на новинари во Скопје.
Преку практични примери, вежби и дискусии, учесниците имаа можност да ги продлабочат знаењата за известувањето за евроинтегративниот процес, домашните реформи и економските аспекти поврзани со пристапувањето кон Европската Унија.
Обуката ја водеа Димитар Николовски и Тоше Огњанов, кои низ интерактивни сесии ги отворија прашањата за тоа како да се објаснуваат европските политики без непотребен административен јазик, како да се следат и толкуваат пораките од Брисел и како новинарите да ја задржат професионалната дистанца во услови на политички притисоци и различни интерпретации на информациите.
Посебен акцент беше ставен на проверката на фактите, препознавањето манипулативни наративи и критичката проценка на информациите пред нивното објавување. Преку конкретни редакциски задачи, учесниците работеа на претворање на сложени информации во точни, контекстуализирани и разбирливи новинарски содржини.
Целта на обуката беше да се поттикне професионално и одговорно известување за процесот на европска интеграција, со фокус на јавниот интерес и потребата граѓаните да добиваат проверени информации, ослободени од политичкиот шум и непотребниот еврожаргон.
Обуката е дел од проектот „Зајакнување на етичкото известување во Северна Македонија за интеграцијата во ЕУ“, кој се реализира со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС).
Обуката се реализира со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на ова обука е единствена одговорност на ЗНМ и обучувачите, и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС
