ЗНМ организира одбележување на 2-ри ноември, Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите

Здружението на новинарите на Македонија и Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи организираат настан за одбележување на 2-ри ноември, Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите.
Само минатата година убиени се најмалку 88 новинари и медиумски работници. Уште илјадници други колеги биле нападнати, малтретирани, приведени или затворени со лажни обвиненија, без соодветна постапка. Тоа е недозволиво и не смее да прерасне во пракса бидејќи кога се нападнати новинарите, тогаш општествата како целина плаќаат цена.
Целта на одржувањето на настанот е да се испрати порака до јавноста дека нападите врз новинарите нема да се толерираат и жестоко ќе бидат осудени. Од друга страна, ќе биде испратена порака и до институциите да дејствуваат одговорно и да ги расчистуваат нападите врз новинарите во најбрз можен рок.
Ве покануваме заедно да го одбележиме овој важен ден за новинарската професија и да покажеме дека сакаме да ставиме крај на неказнивоста и дека имаме нула толерантност за напади врз новинарите и медиумските работници.
Настанот ќе се одржи на 01.11.2019 (петок) во хотелот „Александар палас“, со почеток во 11:00 часот. Агендата за настанот можете да ја погледнете ТУКА.
Ги молиме колегите кои планираат да дојдат од внатрешноста на државата да се обратат до канцеларијата на ЗНМ за да се информираат за исплата на патните трошоци.