ЗНМ додели 3 гранта за граѓански организации

Здружението на новинарите на Македонија на 13ти октомври додели три еднократни гранта за граѓански организации што работата во сферата на слободата на изразување и човекови права. Добитници на грантовите се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Младиниот клуб Штип и Онлимит Медиа, кои во наредните 12 месеци треба да ги реализираат предвидените активности.
Висината на грантовите е 5 илјади евра и се доделуваат во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи во Македонија, финансиран од Европската унија.
Целта за нивното доделувањето е да се промовира професионалното новинарство и да се подигне свеста на граѓаните за важноста на слободата на медиумите.
Во рамките на грантот ССНМ ќе создаде медиумски содржини за теми поврзани со отпуштањето на новинари и затварање на медиуми. Преку овие аналитички текстови јавноста ќе има сведоштва на новинари за вистинските причини за нивното отпуштање и затварање медиуми. Објавувањето на секоја приказна ќе биде проследена со дебата за теми од витално значење за новинарската професија.
Активностите на Онлимит медиа ќе бидат насочени кон поголема вклученост на граѓаните за градење на јавни политики, поголема транспарентност и отчетност на институциите и борба против корупцијата.
Младиниот клуб Штип ќе спроведе истражување во Источниот дел на Македонија за да ја утврди социо-економската состојба на новинарите. Посебна групна цел ќе бидат дописниците што работат за националните медиуми и јавните медиуми, како што се Македонската радио телевизија и Македонската информативна агенција.