Стратешка работилница на ЗНМ во Охрид

Здружението на новинарите на Македонија изминатиот викенд во хотелот „Инекс“ во Охрид, во рамките на проектот финансиран од Европската Комисија, „Вмрежување на новинари за медиумски слободи“, организираше стратешка работилници на членови на сите управни органи на ЗНМ и на Новинарскиот форум.
Целта на работилницата беше да се анализираат досегашните резултати и да се формираат конкретни чекори за поефикасно справување со идните предизвици. Расправата беше фокусирана на три стратешки цели, зголемување на довербата во новинарите, зајакнување на новинарската солидарност и заштитата и промоцијата на професионалните стандарди.
Стратешкиот план беше претставен од директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, (досега) додека за неговата важност збореше претседателот Насер Селмани. Тој рече дека документот ги содржи визијата, мисијата, клучните цели, како и активности на ЗНМ, што ќе преставува основен водич на раководството и членството на Здружението.
Првиот ден од работилницата беше посветен на состојбата со новинарската солидарност и насилството против новинари. За потребата од поголема новинарска солидарност збореше потпретседателот на ЗНМ, Томислав Кежаровски, без чија помош и поддршка немаше да биде ослободен од затвор. Кежаровски повика на поголема солидарност од страна на новинарската фела во случајот со новинарот Зоран Божиновски. Како потсетник, Божиновски кој е во притвор е осомничен за шпионажа, уцена и злосторничко здружување.
Ослободувањето на Кежаровски и собирањето на донации за Фокус од учесниците на расправата беа издвоени како позитивни примери на новинарска солидарност предводени од ЗНМ, но беа посочени и нови мерки како во иднина уште повеќе да се засили уште повеќе солидарноста меѓу новинарите.
Сашо Ордановски, претседател на Новинарскиот форум и модератор на работилницата зборуваше за загрижувачката појава на неказнивост на насилство против новинари. Тој посочи дека ЗНМ за три години регистрирало 33 напади против новинари. Ниеден случај не е расветлен и насилниците остануваат на слобода, истакна тој. Во врска со оваа тема учесниците презентираа конкретни мерки и активности како да се зголеми притисокот врз институциите да ги расветлат нападите против новинари.
Вториот ден од работилницата беше посветена на лобирањето на ЗНМ за подобрување на медиумското законодавство и саморегулацијата во медиумите.
Селмани рече дека барањата на ЗНМ за реформи во медиумите освен од новинарската и медиумската фела се поддржани и од меѓународниот фактор и опозицијата. Според него, тоа е добра основа за зголемување на притисокот врз владата да прифати Македонската радио телевизијата биде јавен сервис на граѓаните, а Агенцијата за медиуми да биде независна. Од присутните беше заклучено дека ЗНМ успешно лобира за подобрување на медиумските закони и повикаа да се продолжи со притисокот врз институциите додека не се прифатат барањата.
Зајакнувањето на саморегулацијата на медиумите беше последно прашање за дискусија во работилницата. Беше истакнато дека формирањето на Советот за етика во медиумите не треба да го парализира Советот на честа на ЗНМ. Според нив, Советот на честа треба уште поактивно јавно да реагира на сите прекршувања на Кодексот на новинарите.