СЈО нема да го гони Божиновски за издавање државна тајна

На денешното рочиште за случајот „Шпион“, Специјалното јавно обвинителство повлече дел од обвинението против новинарот Зоран Божиновски, кое се однесува на делото издавање државна тајна.
Причина за тоа е што во барањето за екстрадиција на Божиновски од Србија во Македонија, не било наведено и ова кривично дело. Според домашното законодавство, лицето што се екстрадира може да одговара само за наводите кои се наведени во барањето за екстрадиција. Специјалното јавно обвинителство остана на обвинението што се однесува на злосторничко здружување, уцена и шпионажа.
Божиновски го повтори барањето за судот да му го врати пасошот, меѓутоа од Судот му одговорија дека сè уште нема донесено одлука по тоа прашање.
Продолжувањето на рочиштето е закажано за 20-ти септември и ЗНМ судењето ќе го мониторира до крај.