Секуловски: На парламентите во земјите од Западен Балкан им недостига стратегија за комуникација

Директорот на Здружението на новинарите на Македонија – Драган Секуловски, на покана на Европскиот парламент во Брисел, учествуваше на дебатата на тема: „Комуникација со граѓаните: Како се развива стратегија за комуникација на парламентите“.
На дебатата во Европскиот парламент свое обраќање имаше и Секуловски кој истакна дека граѓанските организации можат да играат важна улога во подобрувањето на комуникацијата на парламентите. „Парламентите како репрезентативни институции, служат како канали за комуникација меѓу јавноста и процесот на владеење и во оваа смисла граѓанските организации можат да помогнат, но само доколку парламентите искрено го сакаат и го дозволат тоа“, рече тој.
Според Секуловски, на парламентите во земјите од Западен Балкан им недостига стратегија за комуникација. Во таа насока тој наведе неколку сегменти кои може да се подобрат и воведат во работата на парламентите како што се: зголемување на транспарентноста со цел да се спречи ширењето на дезинформациите и пропагандата; поголемо вклучување на граѓанските организации во работата на парламентите; поголемо и двонасочно користење на новите медиуми и социјалните мрежи при работата на парламентите, како и отворање на парламентите кон новинарите и медиумите преку организирање на редовни брифинзи со цел да се има подобро информирани граѓани.
Настанот беше модериран од страна на г. Едуард Кукан, пратеник во Еворпскиот парламент, а присутни беа парламентарни делегации од земјите кандидати за влез во ЕУ како и тројца претставници на граѓанските организации од Западен Балкан меѓу кои беше и Секуловски.