Секцијата на снимателите при ЗНМ на средба со претседателот Стево Пендаровски

Претставници на секцијата на снимателите при Здружението на новинарите на Македонија вчера се сретнаа со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. На средбата се разговараше за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат снимателите при своето работење, како и за активностите кои ги презема Секцијата на снимателите за надминување на истите.
Меѓу активностите кои беа презентирани пред шефот на државата беше Прирачникот за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во кој се даваат насоки и совети за секојдневното работење на снимателите. Освен тоа, стана збор и за неодамна одржаната работилница на тема: „Нови техники на снимање, етика и професионално однесување во работата на снимателите“, на која учествуваа околу 25 сниматели од државата.
Снимателите нагласија дека ова е прв пат да се здружат сите сниматели во рамки на една организација и ја истакнаа помошта која ја добиваат од Здружението со цел подобро и полесно организирање на предвидените цели и активности на Секцијата.
Претседателот Пендаровски истакна дека снимателите се исклучително важни во работата на медиумите и поради тоа треба да се поддржат напорите за подобрување на условите за нивната работа, заштита на терен, во институциите и надвор од нив.