Претставници на ЗНМ на средба со претставници на Здружението на новинарите на Кина

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија се сретнаа со кинеската делегација предводена од Главниот Секретар на Здружението на новинарите „All-China Journalists Association“.
На официјалната средба која се одржа минатиот петок се разговараше за обновување на заедничката соработка меѓу двете здруженија. Средбата послужи и за размена на искуствата во однос на функционирањето и активностите на двете здруженија, а тема на разговор беа и актуелните проблеми со кои се соочуваат новинарите во двете земји.
Директорот на ЗНМ Драган Секуловски истакна дека ЗНМ е секогаш отворено за соработка со сите новинарски здруженија од другите земји. „ЗНМ е подготвено да ја продолжи минатата соработка со Кинеското здружение на новинари во насока на размена на новинари кои би учествувале на студиски посети и останати активности во насока на промоција на професионалните новинарски стандарди“ рече тој.
Во рамките на оваа посета, ЗНМ и обезбеди средба на кинеската делегација со неколку домашни медиуми со цел остварување на идна меѓусебна соработка.