Повик за аплицирање за циклус на обуки за млади новинари – истражувачи

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со Американската амбасада во Македонија, организираат циклус обуки за креативно новинарско истражување на тема „Унапредување на техники за истражување и креативно презентирање“.
Обуките ќе се одржуваат еднаш неделно (четири пати месечно) во период од осум месеци почнувајќи од средината на ноември оваа година. Право на учество на обуките имаат млади новинари и оние лица кои сакаат да го надградат своето знаење во насока на тематски истражувања и креативно презентирање на истите, но не повозрасни од 30 години.
Интерактивните предавањата ќе ги спроведат Зоран Димитровски (одговорен уредник на неделникот „Фокус“), Зоран Ричлиев (новинар и консултант за дигитални медиуми), а еднаш месечно онлајн предавање ќе држат и експертите од областа на новинарските истражувања од истражувачкиот центар MuckRock од САД.
На обуките ќе бидат опфатени повеќе медиумски теми како: медиумска писменост, медиумски жанрови, социјални медиуми, мултимедија, истражувачко новинарство итн. Предавањата ќе им овозможат на учесниците да стекнат знаења, техники и вештини на професионалното пишување низ вежби, самостојна и тимска работа. Освен ова, учесниците ќе се стекнат и со техники на презентирање на резултати од истражување користејќи креативни методи и техники преку видеа, инфографици и останати визуелни алатки.
За новинарските продукти кои ќе произлезат од обуките, ЗНМ ќе обезбеди простор на својата веб страница и тие ќе бидат промовирани и достапни за јавноста заедно со авторите кои ќе бидат дел од процесот на оваа обука.
Интерактивните предавања ќе се одвиваат на македонски јазик, со исклучок на онлајн предавањата кои ќе бидат на англиски јазик. За таа цел учесниците на обуките потребно е да имаат солидни познавања на англискиот јазик.
По завршување на циклусот на обуки учесниците ќе се здобијат со сертификати за учество на пригоден настан организиран од ЗНМ и Американската амбасада во Скопје. Предавањата и обуките за учесниците ќе бидат на трошок на организаторите.
Кандидатите потребно е да испратат своја кратка биографија како и мотивациско писмо на електронската адреса на ЗНМ (contact@znm.org.mk), најдоцна до 10 ноември, 2017 година со назнака: „Пријава за циклус на обуки“.
Селектираните кандидати ќе бидат контактирани за повеќе детали.