Попуст на месечни билети за превоз преку ЈСП за членови на ЗНМ

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со општина Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие-Скопје, договорија попуст за новинарите за месечниот билет на автобускиот превоз во Скопје.
Попустот ќе изнесува 50% и истиот ќе важи за вадење на месечените билети за јавен транспорт. За да можат новинарите да го остварат тој попуст треба да бидат активни членови на ЗНМ, односно да ја имаат подмирено годишната членарина.
Процедурата за вадење на месечниот билет е едноставна. Новинарите кои се заинтересирани за вадење на овој билет треба да појдат во дирекцијата на ЈСП (Адреса: бул. Александар Македонски бр. 10, Скопје – Република Македонија) и да се обратат до Продажната служба. Притоа, новинарите ќе треба со себе да ја носат новинарската книшка на ЗНМ и на самото место да платат за овој вид на месечен билет. Новинарите кои се постоечки корисници на месечниот билет треба да ја носат единствено
членската картичка на ЗНМ, додека пак, оние кои за прв пат сакаат да ја користат оваа услуга потребно е со себе да понесат фотографија (3 x 4 см) и личен документ за идентификација.
Покрај месечниот билет, со цел да се олесни процедурата, новинарите ќе можат да извадат едномесечен билет, двомесечен, тромесечен, шестмесечен или годишен билет, со плаќање на соодветната сума одеднаш.
Здружението на новинарите на Македонија им благодари на локалните властите за соработката и истакнува дека со оваа бенефиција Македонија се доближува до практиката на развиените европски држави во овозможување на полесно и поефективно работење на новинарите.
мај 2018 година, Скопје