Одржана средба на новинарскиот форум, да се забрзаат реформите во медиумите

Вчера (04.07) се одржа средба на Новинарскиот форум при Здружението на новинарите на Македонија, кое е консултативно тело на ЗНМ составено од искусни новинари и медиумски експерти. На средбата се дискутираше за актуелни теми поврзани со правата на новинарите и медиумската политика во државата.
Координаторот на ова тело, новинарот Сашо Ордановски го водеше и модерираше настанот, а присутни беа триесетина новинари, уредници и претставници на партнерските организации на ЗНМ. Трите главни точки околу кои се водеше дискусија беа: реформите во МРТ со фокус на дописничката мрежа, саморегулацијата во онлајн медиумите, а се дискутираше и генерално за состојбите во новинарството.
На дискусијата беше заклучено дека ЗНМ треба и понатаму да ги поттукнува властите во спроведувањето на реформите во медиумите, во соработка со бизнис заедницата и со онлајн медиумите да се работи на поголема промоција на саморегулацијата, како и да се вложат дополнителни напори за подобрување на состојбата во националниот радио дифузен сервис.
Новинарскиот форум беше создаден во 2011 година со цел да служи како советодавно тело на Здружението на новинарите на Македонија и неговите управни органи и оттогаш редовно заседава, а до сега има одржано околу дваесетина средби.
Оваа активност беше организирана во рамки на институционалниот грант кој Сигрид Раузинг Траст му го додели на Здружението на новинарите на Македонија. Ставовите изразени во оваа објава се единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и не ги одразуваат секогаш ставовите и гледиштата на донаторот.