Одржан и вториот вебинар за размена на знаења и практики за клевета и навреда
На 12 јуни, 2020 година се одржа вториот вебинар на тема:„Размена на знаења и практики за клевета и навреда во Северна Македонија како предуслов за квалитетни измени на актуелниот закон“ (ДЕЛ 2) кој го организираа Здружението на новинарите на Македонија и заедничката акција на ЕУ и Советот на Европа „Слобода на изразување и слобода на медиумите во Северна Македонија (ЈУФРЕКС)“.
На овој вебинар учествуваа новинари кои имаат искуство во покривање на теми поврзани со клевета или пак самите биле дел од такви судски постапки, претставници на граѓански организации кои работат во делот за медиуми, адвокати со искуство во доменот на слободата на изразувањето, како и претставници на Министерството за правда, меѓу кои и министерката Рената Дескоска.

На работилницата се разговараше за Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и праксата на засегнатите страни во имплементацијата на овој закон. Земајќи во предвид дека повеќето од учесниците имаат практично, но и теоретско искуство со спроведувањето на овој закон се разви конструктивна дебата каде беа разменети искуства и информации на темата од нашата земја, меѓутоа и од регионот.
Вебинарот го отвори Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија, Драган Секуловски кој во своето воведно излагање ги поздрави присутните, ја претстави агендата и ги најави четирите говорници: судијата Мирјана Лазарова Трајковска, државниот советник за казнено законодавство Никола Прокопенко, новинарот Среќко Поповски и уредничката на содржините на албански јазик на проектот: „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк – Елида Зулбеари. Освен тоа, Секуловски ја отвори дискусијата посочувајќи дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда треба да биде изменет, а оваа работилница претставува одлична можност за размена на мислења и ставови на оваа тема со претставници на сите засегнати страни. Според Секуловски, насобраните ставови и размислувања од вебинарот ќе бидат споделени со работната група за измена на Законот за клевета и навреда со цел да имаме квалитетен закон кој ќе биде од бенефит не само за новинарите и медиумските работници, туку и за сите граѓани на нашата држава.
На овој вебинар, поздравни обраќања имаа Младен Чадиковски – Претседател на ЗНМ, Рената Дескоска – Министерка за правда и Симона Трајкоска, проектен асистент на ЈУФРЕКС во Северна Македонија.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски рече дека една од главните заложби на ЗНМ е клеветата и навредата да се решаваат преку механизмите за саморегулација, за чија цел е создаден и Регистарот на професионални онлајн медиуми (Promedia.mk). Чадиковски истакна дека Здружението на новинарите се залага за казните за новинарите за овие две дела да бидат минимални, да не вклучуваат затвор или високи парични казни кои новинарите не би можеле да ги подмират, бидејќи на овој начин може да се загрози слободата на изразување.
Министерката за правда – Рената Дескоска во своето обраќање рече дека оваа тема е важна не само за новинарите, туку генерално е значајна за секоја демократска држава. Таа истакна дека во рамки на Министерството за правда е започнат процес за измена на Законот за клевета и навреда со цел да се воспостави една европска рамка, која би можела да се имплементира без тоа да значи загушување на слободата на изразување, а истовремено да се воспостави баланс со заштитата на личното достоинство и другите права кои ги имаат граѓаните.

Проектниот асистент на ЈУФРЕКС во Северна Македонија – Симона Трајковска ги поздрави присутните и рече дека целта на овој проект е унапредување на слободата на изразување и слободата на медиумите во согласност со европските стандарди.
Прв говорник на вебинарот беше судијката Мирјана Лазарова Трајковска. Таа во своето обраќање говореше за праксата на Европскиот суд за човекови права во делот на слобода на изразување. Според неа, суштината на слобода на изразување, ЕСЧП ја заснова на три исклучително важни скалила или таканаречениот трипартитен тест. Како три предмети од ЕСЧП кои можат да помогнат во насока на подобрување на Законот, Трајковска ги посочи предметите: Селмани и останатите против Македонија, Макрадули против Македонија и Поповски против Македонија. Според Трајковска, со цел да не се предизвика чилинг ефект, судовите секогаш мора да внимаваат на висината на изречените казни. „Во Франција, иако клеветата и навредата се дел од кривичната постапка, сепак француските судови многу ретко посегнуваат по високи казни. Дури во повеќето предмети паричната казна изнесува само едно евро“, истакна судијата Трајковска.

Следна се обрати уредничката на содржините на албански јазик на проектот: „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк – Елида Зулбеари. Таа даде посебен осврт на влијанието на казните кои произлегуваат од судските процеси за клевета и навреда и порача дека високите казни може да имаат застрашувачки ефект кај новинарите. „Саморегулацијата во медиумите и проверката на факти се механизам за превенција од тужби за клевета и навреда“, истакна таа.
Државниот советник за казнено законодавство, Никола Прокопенко во своето излагање потсети дека треба да се земат во предвид препораките од извештаите на Прибе и другите релевантни извештаи од европските институции при подготовка на измените и дополнувањата на Законот за клевета и навреда.
Последен на вебинарот се обрати новинарот Среќко Поповски. Според него, слободата на изразување не претставува само право, туку и обврска на оној кој се служи со тоа право да не предизвика сериозна и ненадоместлива штета на нечиј углед. Поповски истакна дека судот треба да биде последна инстанца за жалба за клевета и навреда откако ќе бидат исцрпени сите можности. „Најголема казна за еден новинар е професионалниот блам предизвикан од обврската да се демантираш преку објавување на лично или редакциско извинување“, рече тој.
Вебинарот беше организиран од страна на Здружението на новинарите на Македонија во рамки на акцијата која е дел од „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II“, заедничка програма на ЕУ/Советот на Европа, имплементирана од Советот на Европа која има за цел да им асистира на корисниците во регионот на Западен Балкан и Турција во усогласувањето со стандардите на Советот на Европа и acquis на Европската Унија во рамки на процесот на нејзино проширување, онаму каде што тоа е применливо.
Овој текст беше подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија и Советот на Европа. Гледиштата изнесени во текстот не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија или Советот на Европа.