Одговор на претставката на Министерот Дамјан Манчевски за објавената вест на веб порталот Вечер.мк

Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија ја разгледа претставката на Министерот Дамјан Манчевски за објавената вест на веб порталот Вечер.мк за текстот со наслов: „Дамјан Манчевски поттикнува насилство и повици за ликвидација“ објавен на 25.08.2019 година и го заклучи следново.
Советот оценува дека веб порталот Вечер.мк без оглед на непотпишаниот текст го прекршил Новинарскиот кодекс во членовите 13 и 16. Според членот 13 од новинарскиот кодекс на ЗНМ, новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, додека според членот 16: новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности вклучувајќи ги и своите колеги.
Оттаму го повикуваме Вечер.мк кога објавува вакви вести и коментари текстовите да бидат потпишани со конкретно име на новинар или како редакциски коментар. Истовремено, ги потсетуваме на обврската на објавување демант наместо бришење на веста.