Одговор на претставка во врска со текст објавен на веб порталот Мактел

Советот на честа ја разгледа претставката на новинарот Бранко Героски во врска со објавен текст на веб порталот Мактел со наслов: „Зошто мафијата се реши да го најми Героски: Потребен им беше неупотребен куртон со голем капацитет и со армија мали куртончиња зад себе“.
Советот смета дека во објавениот текст се прекршени повеќе професионални принципи, а особено членот 16 според кој: Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности вклучувајќи ги и своите колеги.
Советот на честа при ЗНМ апелира до своите членови, но и до колегите новинари кои не се наши членови, да се придржуваат до Кодексот и до меѓународните новинарски стандарди при вршењето на своите професионални обврски. Притоа апелираме да не се занимаваат едни со други, да не се етикетираат и дискредитираат меѓусебно, бидејќи со тоа ја деградираат професијата, го рушат угледот и нашата улога како новинари во општеството.
Очекуваме да запрат ваквите појави, карактеристични за еден претходен период и новинарите да почнат да се занимаваат со она што им е професионална обврска – пред сè да ја информираат јавноста.
Ги повикуваме колегите своите критики да ги зачуваат за носителите на власта и партиите што претендираат да дојдат на власт.