Одговор на Претставка од МОРМ за емисиите ,,Блиц“ на авторот Љупчо Златев емитувани на 07.05. 2018 и 14.05.2018 на Алфа ТВ

Советот на честа на ЗНМ, ја разгледа претставката од МОРМ добиена на 16.05.2018 година за, како што стои во неа, необјективни и тенденциозни информации, непроверени конструкции и лажни вести, необјавување на демант од МО и несоодветно објавување на лични деманти на засегнатите, нарушување на угледот и честа на Министерството. Како и на, министерката Радмила Шеќеринска и останатите споменати лица вработени во МО и припадници на АРМ, изнесени во двете изданија на емисијата ,,Блиц“ на 07.05.2018 и 14.05.2018 година од авторот Љупчо Златев на телевизија Алфа и порталот Лидер.мк во чиј импресум за главен и одговорен уредник е наведен авторот на емисиите.
Советот на честа констатираше дека авторот на овие две емисии Љупчо Златев грубо ги прекршил основните принципи на Кодексот на новинарите. Авторот не го почитувал начелото на вистинитост и не ги проверил информациите со цел тие да бидат чесни објективни и точни .
Спротивно на новинарското начело, во првата емисија, авторот не направил никаков обид да ги провери индициите за наводни злоупотреби во Министерството за одбрана, кои во јавноста ги пласирал како непобитни факти. Ако не успеал да ги поткрепи со факти овие индиции, тогаш авторот имал обврска јасно да наведе дека се работи за шпекулации.
Авторот на емисијата го прекршил и принципот на застапеност на втора страна. Не дал можност на осомничените за злоупотреба да ги соочи со обвинувањата, со цел јавноста да добие целосна слика за приказната.
Во втората емисија авторот несоодветно го исполнил принципот на втора страна затоа што крајно селективно ги пренел ставовите на засегнатите страни со цел да сокрие дека обвинувањата се неосновани.
Од тоа произлегува дека новинарот немал намера да ја информира јавноста за прашања од висок јавен интерес, туку да шири сензационалистички непроверени информации, со кои се прекршуваат правата и слободите на граѓаните и наликуваат на обична пресметка со неистомисленици.
Советот констатираше дека новинарот не ја почитувал ниту приватноста на личноста пренесувајќи непотврдени шпекулации и невистини за вработените во Министерството за одбрана.