Одговор на Претставка добиена од Репропринт ДООЕЛ Скопје Нова Македонија за текст објавен на Онлајн Портал Република

Советот на честа на Здружението на новинарите на Македонија, на седницата одржана на 17.04.2018 година ја разгледа претставката поднесена од издавачот на дневниот весник “Нова Македонија“ – Репропринт ДООЕЛ Скопје, за текстот објавен на веб-порталот “Република “ на 12.12 2017 година “Минчо Јорданов: Ќе тужам доколку се користи терминот Нова Македонија“ во која подносителот се жали дека станува збор за измислена и неточна вест.
По анализирање на фактите, Советот утврди дека очигледно станува збор за сатиричен текст сместен во рамките на рубриката “Двоглед“ во која Порталот објавува сатирични текстови за најразлични прашања. Во конкретниот случај текстот алудира на преговорите за името, а во периодот кога е објавен додавката “Нова Македонија“ според медиумските шпекулации беше една од опциите за решение на спорот со името.
Бидејќи станува збор за сатиричен текст – Советот смета дека ваквите написи не треба да бидат разбрани во буквална смисла. Овој на новинарско изразвуање е легитимен и не наоѓаме елементи на прекрушување на етичките стандарди на новинарската професија. Советот апелира во иднина јавните личности да покажат поголем праг на толеранција кон хуморот и сатирата во медиумите.