Образование и култура во време на пандемија

ОБРАЗОВАНИЕ ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА: ИМПРОВИЗИРАННИ Е-УЧИЛНИЦИ ВО ПАНДЕМИЧНА СРЕДИНА
Импровизирани е-училници, технички проблеми, злоупотребување на домашните задачи и неможност за пристап до предавањата. Пандемијата со Ковид-19 вистински предизвик за образованието.
„Лично имав многу стресни и напнати ситуации трошејќи многу време и енергија при подготвувањето на материјал кој ќе биде соодветно и адекватно прифатен од сите ученици за помош на усвојување на знаењето поврзано со наставните содржини. На тоа може да се придодадат и низата технички проблеми кои се јавуваа во текот на целиот овој процес“- вели наставник од Основното училиште „Никола Карев“ од Радовиш.

Дека образованието во иднина ќе биде дефинирано од технологијата ни покажаа последните случувања со пандемијата на Ковид–19. Образовните институции беа принудени својата настава да ја префрлат во виртуелниот свет. Преку најразлични платформи и ИТ-алатки професорите макотрпно се обидуваа да ги пренесат лекциите до учениците.
Наставникот од ОУ„Никола Карев“ во Радовиш, кој што сакаше да остане анонимен, вели дека заедно со неговите колеги, самите ученици, но, и нивните родители, се соочиле со голем број на недоречености, нејаснотии и низа други прашања. Тие користеле различни импровизации со користење на IT алатки за продолжување и пренесување на воспитно образовниот процес, исклучиво преку користење на интернет комуникација на релација наставник – ученик – родител. Во заеднички договор со другите наставници, користеле исти платформи како би можеле учениците полесно да се адаптираат на овој нов наставен процес.
„Забележана и констатирана е, на некој начин, злоупотреба на IT алатките и социјалните мрежи на релација ученици – наставник поради непобитниот факт на пресликување и препраќање на одговорите и извршените домашни обврски на релација ученик – ученик со која се намалува можноста за конкретно и детално оценување на усвоените знаења на секој ученик одделно од страна на наставникот„ – дополнува наставникот од ОУ„Никола Карев“-Радовиш.
Министерството за образование, пак, кое во изминатиов период ги адаптираше своите уредби и насоки согласно настанатата ситуација, се, од друга страна, задоволни од постигнатото:
„Податоците за е-образованието кои ги добиваме од терен нѐ мотивираат да продолжиме со подобрување на процесот. Во почеток обезбедивме бесплатен интернет за 30.000 ученици, односно 14.800 семејства. Обезбедивме интернет и апарати за тие кој немале. Во МОН, до сега, немаше жалби или пријави за процесот на оценување од ниту една страна. Јас сум убеден и верувам дека програмите и платформите кои им ги препорачавме на учениците и наставниците ја гарантираат и приватноста. Заедно со другите институции работиме и на отворање на училишта и на креирање на план за евентуално влошување на состојбата. Така како што ќе се организира јавниот превоз, така ке се организира и транспортот на ученици. Протоколите ќе ги усвоиме заедно со Министерство за Здравство“ – вели Министерот за образование, Арбер Адеми.

Наставникот од ОУ Никола Карев, се надоврзува на МОН околу овозможувањето на пристап до образование за сите.
„Најголем дел од учениците имаа услови за следење на online часовите и тие можеа непречно да ги извршувааат домашните задачи зададени од нејзините наставници. Но, има и ученици кои потекнуваат од семејства каде техничката поддршка и употребата на IT алатки беше невозможна или на многу ниско ниво, за што Министерството за образование и наука направи попис и регистрација на истите се со цел да и се помогне. Исто така, има ученици коишто ги имаа комплетно сите предуслови за работа, а не ги извршуваа своите обврски и задолженија“ – вели тој.
КУЛТУРА ВО ВРЕМЕ НА КОРОНА: ТЕАТРИТЕ, КИНАТА И КОНЦЕРТИТЕ ПРЕТОЧЕНИ ПРЕД ТВ-ЕКРАНИТЕ
Покрај образованието, вонредната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид-19 влијаеше и на останатите аспекти од животот на луѓето, помеѓу кои се најде и културата. Билетите за театар, кино и концерти престанаа да важат. Филмовите, претставите и концертите луѓето ги уживаа од дома, пред ТВ – екраните.
Музичарот Гоце Стевковски, од Здружението на џез музичари и слободни уметници, раскажува, дека, впрочем, како и сите останати, се обидуваат да го претворат карантинот во предност работејќи на нова музика, планови и проекции за моментот кога ќе се олабават мерките. Тој ги издвојува и последиците од настанатата ситуација.
„Знаете дека сите настани периодов беа откажани. Штетите се несогледливи. Сите наши концерти се одложени или нема да се одржат, откажани се цели турнеи по Балканот и Европа, индивидуални настапи на музичарите, гостувања како дел од разни проекти тука и во странство“ – вели Стевковски.
Од Министерството за култура, исто така, задоволни од постигнатото, потенцираат дека и во време на пандемија, и покрај тоа што установите од областа на културата како театрите, музеите, галериите…. ги затворија своите врати за јавноста, културата не остана недостапна за граѓаните: „Нашата проценка е дека ефикасноста на е-културата спроведувана во изминатиов период беше на солидно ниво. Беа реализирани, односно прикажани мноштво проекти, кои во конкретната ситуација и околности ја исполнија својата цел. Kлучно е што мноштво проекти се реализираа и искуствата од таа реализација ќе бидат скапоцени за во иднина“ – изјавуваат од министерството.
Во период на пандемија институциите и слободните уметници своите содржини ги лоцираа на интернет, односно на социјалните мрежи и телевизиите со што граѓаните имаа можност бесплатно да проследат дел од нивниот репертоар како театарски претстави, концерти, филмови и виртуелни прошетки по музеите.
Помеѓу изведувачите кои беа ангажирани во проектите на е-култура која што се спроведуваше изминатиов период беа и Здружението на џез музичари и слободни уметници, кои реализираа дел од четвртото издание на нивниот фестивал под името „Тoday it’s all about jazz“, во соработка со Младинскиот културен центар и градот Скопје. Тие ги оценуваат проектите како добри но не доволни за на долг рок.
„Мислам дека голем дел од програмата беше спроведена во вистинско време, запазувајќи го културниот, но и социјалниот аспект, особено во првите два месеца откако беа воведени вонредните мерки и полицискиот час. Така што, мислам дека реализацијата на кампањата „Култура во време на Корона“ се покажа како добро решение. Сепак, од аспект на музичарите не е исто настап со публика и без неа. Еднократната помош на невработените музичари е добра, но не ги решава проблемите со кои се соочуваат во нормални услови и сега. Понатаму, јасно е дека е потребно системско решение на кое неколку пати сме укажале“ – појаснува Стевковски.
Неодамна беше донесена и уредба за финансиска поддршка на самостојните уметници со која се уредува финансиската поддршка на самостојните уметници за месеците април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари. Со уредбата беа опфатени 142 самостојни уметници, колку што има регистрирани во Министерството за култура.
Дел од членството на Здружението на џез музичари и слободни уметници се регистрирани како самостојни уметници во Министерството за култура, истиот дел од нив редовно добиваат надомест за придонеси за здравствено и пензиско осигурување, кој што Министерството за култура го обезбедува во текот на целата година за сите регистрирани самостојни уметници. Меѓутоа, од Здружението апелираат дека во периодот што следува, сите надлежни, помеѓу кои: Министерството за култура, градот, општините и институциите треба бидат поотворени за соработка со домашните артисти.
„Последиците од пандемијата веќе се чувствуваат на сите полиња. На многу музичари единствен приход им е хонорарот од настапи во живо, концерти или помали клупски свирки, така што може да се каже дека поголем број се на раб на егзистенција. Од творечки аспект, оваа неизвесност околу пандемијата и мерките што се преземаат не влијае добро на уметниците кои се занимаваат со креативна работа ( немање услови за работа ,ограничено движење, забрането групирање, итн). Повторно ќе кажам, создавањето и во нормални услови е повеќе од тешко“ – заклучува Стевковски.
Дека вирусот е немилосрден а пандемијата навлегува во секој сектор од општеството покажува и фактот дека помеѓу заразените од Ковид-19 има и уметници, наставници и ученици. На вирусот не му се измолкна и долгогодишниот тв-водител и композитор Драган Вучиќ, а во образованието последниот забележан случај беше во Тетово во текот на на упис на ученици, случај по кој надлежните институции одлучија да се паузира процесот. Колку образованието и културата умешно ќе се справат со сите предизвици и препреки кои што им ги поставува пандемијата останува да видиме преку ажурноста на институциите и воедно ангажираноста на народот.
Подготвија: Адриан Керими, Ангела Рајчевска и Кристијан Трајчов.
Оваа сторија е изработена во рамките на работилницата: „Новинарството во време на пандемија, вонредна состојба и карантин – Предизвици, одговорност и период на промени и прилагодување“, организиранизирана од страна на фондацијата Конрад Аденауер и Здружението на новинарите на Македонија. Изнесените ставови во оваа сторија не ги одразуваат гледиштата на организаторите.