Новинарство во време на корона и посткорона

Сред жариште, пред разни предизвици и товарени со повеќе одговорности
Соочување со опасноста од заразување, одговорност за здравјето на другите, работа од дистанца, под посебни услови и заштитни мерки, спроведување на нови методи и алатки за работа. Низ сите овие предизвици поминале новинарите и медиумските работници во периодот на пандемијата и вонредната состојба, и на крај пак се соочиле со одговорноста, да информираат точно, праведно, да не шират паника а истовремено и да алармираат за заштита.
Од една страна опасноста од корона вирусот, а од друга страна новинарите бил под надзор на јавноста, компетентните институции и личната совест за професионално информирање. Претежно оценките се дека новинарите во Северна Македонија професионално ја вршеле нивната работа, имало грешки и пропусти, но исто времено имало и новинари и медиуми кои и ја злоупотребиле ситуацијата.
„За жал, иако очекувањата беа дека кога се работи за проблем што го тангира јавното здравје известувањето ќе биде одговорно и професионално, и за време на пандемијата дел од медиумите продолжија да работат спротивно на професионалните стандарди“, вели Катерина Синадиновска, претседател на Совет за Етика во Медиумите во Македонија.
Советот за етика во медиумите (СЕММ) продолжува да реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, вели Синадиновска, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на коронавирусот. Според оценките на СЕММ, едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните.
Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 47 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (31 жалбa или 66 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 39% од пријавените случаи, додека прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 35% од пријавените случаи, вели Синадиновска.
За време на пандемијата, јавноста реагирала и на обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32%).
Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање. Во 16% од случаите станува збор за прекршување на членот 12 од Кодексот на новинарите, според кој плагијаторството е неприфатливо, а цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот. Доколку информацијата е преземена, изворот мора да биде наведен. Во овој контекст, СЕММ ги повикува медиумите јасно и експлицитно да го наведуваат изворот и авторот при преземање на содржини од друг медиум или од социјалните мрежи, вели Катерина Синадиновска, претседателка на СЕММ.
Позитивна практика забележена од СЕММ е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, а во оваа насока Комисијата за жалби при СЕММ ја поздравува и подготвеноста на медиумите да се коригираат кога ќе се утврди пропуст во содржината. СЕММ продолжува да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои сѐ уште не се негови членки и ќе повикуваме на доследно почитување на Кодексот на новинарите како предуслов за професионално известување. Саморегулацијата е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа.
Поднесени жалби за работата на медиумите за време на пандемија
Започнувајќи од 26ти февруари, до сега до СЕММ поднесени се 47 жалби за информирањето на медиумите, од кои 66% односно 31 жалба се однесува на известување за коронавирусот.
Жалби во кои е евидентирано нарушување на член 1 од Кодексот (Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи) – 12 или 39%
Жалби во кои е евидентирано нарушување на член 8 од Кодексот (за сензационализам) 11 или 35%
Жалби во кои е евидентирано нарушување по основ на „Политичка пресметка низ призма на пандемијата“ 10 или 32%
Жалби во кои е евидентирано нарушување по основ на „Плагијаторство“ 5 или 16%
Жалби во кои е евидентирано нарушување по основ на „Мешање на факти и мислења со вест и коментар“ 2 или 6%
Една од опасностите со кои се соочуваа многу новинари и медиумски работници е и нивното лично здравство. Двајца колеги новинари се заразија од корона вирусот, и за среќа оздравија и се вратија на работа. Еден од нив е Мирче Адамчевски кој во директно интервју ја опишува целата ситуација и тешкотиите низ кои поминал.
Новите алатки, методи и информирање од дистанца
Друг предизвик за време на пандемијата беше и употребата на новите алатки и методи за работа на новинарите и медиумите. Заради мерките за држење дистанца, забраната за групирање и другите заштитни мерки, медиумите беа принудени дел од работата да ја завршат од далечина. За оваа цел најголем број од институциите почнаа да спроведуваат онлајн емитување на прес конференции а новинарите биле присутни само кога требало да поставуваат прашања, но и за оваа цел полна да се спроведе видео конференција и поставување прашања преку онлајн платформи.
Добрата страна од новата пракса беше леснотијата за собирање материјали и заштитана за здравјето, но од друга страна новинарите и медиумите беа ограничени во нивната работа и подлабоко истражување на одредени работи и случаи. Тешкотии биле забележани во делот на дебатните и информативните емисии каде порано учествувале странки, експерти, функционери, а за време на пандемијата сето тоа требаше во најмногу случаи да се спроведе преку онлајн платформи. За тоа низ што поминале организаторите и водителите на емисиите за време на пандемијата побаравме изјава од Авди Бакиу, водител на емисијата ЕНТЕР во ТВ ШЕЊА, кој најголемиот дел од разговорите ги реализирал онлајн о далечина, или најмногу со само еден поканет во студио.
Авди Бакиу, водител на емисијата ЕНТЕР во ТВ ШЕЊА
„Нормално дека и ние водителите на емисиите имавме тешкотии во организација на емисиите, кога имаме предвид дека парламентарните избори требаше да се одржат на 12 април, но истите се одложија во неопределен период заради кризата со корона вирусот. Заради ова не само новинарите кои работат на терен и следат одредени настани, туку и ние водители на емисиите сме имале проблеми со организирање на емисиите и истите се реализирани во најнапредни форми. За пример наместо гостите да дојдат во студио и да се соочат еден со друг, требало истиот да се реализира прек онлајн платформи, или различни апликации кои веќе се на мобилни телефони или компјутери. Како друга тешкотија беше причината што еден дел од поканетите гости кои се повозрасни не е дека се информирани за употреба на апликациите со кои ќе имаат пристап и на емисии. Емисиите во повеќе случаи се спроведени на живо, и нормално дека сме имале проблем во нивна реализација и заради проблеми со мрежата, сме имале прекин на врската, и емисијата изгледала побледа. Во друг аспект, недостигал дебата, бидејќи беше речиси невозможно да соочуваш двајца личности со различни мислења, и да ги соочиш заради начинот на реализација на емисијата преку онлајн платформите, и ова заради фактот што поканетите не биле физички присутни во емисија за да дебатираат. Ние се надеваме дека овој период за брзо време ќе заврши и да му се вратиме на реалноста, програмата и сценаријата за реализација на емисиите кои ќе произведуваат и дебата“.
Освен горенаведените тешкотии, за ова време се појави и нова опасност. Најзагрозени од новите трендови се снимателите а за тоа оф рекорд веќе почна и да се зборува во медиумските кулоари. Онлајн пренесување на прес-конференции од страна на функционери и институции може да доведе до оставање без работа на многу сниматели, доколку сопствениците на медиумите особена на посткорона периодот, одлучуваат да штедат и да намалуваат број на вработени.
Интервју со Мирче Адамчевски
Новинарството е професија што сама по себе е опасна и носи многу предизвици и ризици. Во време на пандемија, кога најважно е да останеме дома за да спасиме живот, во првите борбени редови покрај медицинските лица, репортерите секојдневно се на терен, изложени на вирусот, известуваат за состојбата на Ковид-19 во нашата држава.
Новиот коронавирус покажа дека никој не е имун и дека секој може да се зарази.
Новинарот Мирче Адамчевски е еден од оние луѓе што беше позитивен на вирусот и за среќа успеа се излекува.
Адамчевски ни го раскажа неговиот пат од моментот кога дознал дека е позитивен на новиот коронавирус, па се до победата над вирусот.
1. Како го доживеавте периодот на боледување се до оздравување?
„Како работа која што морала да се случи. Или судбински така било определено. И кога ќе се случи очекуваш дека се ќе помине лесно. Самоизолација 14 денови. Немаш чувство дека си болен. А си позитивен на коронавирус. Но, како врви времето се јавуваат првите знаци. Температура ниска, губење апетит, делумно губење чувство на мирис и вкус. Физичка слабост. Тогаш почнуваат сомнежите дека работата може да биде сериозна. Доаѓаат високи температури. Препорака од матичниот лекар за инфективна клиника. Таму процедури, протоколи. Температурата се нормализира по два дена. Но протоколот вели дека мора да се биде под терапија 14 дена – најмалку. И така две недели со инфузии, таблети, контроли…Медицински сестри кои не може да не се почитуваат. Вредни, чувствителни, самопрегорни…Дванаесет часови на ден. Лекари кои се делат на рутинери и на комуникативни со пациентите и давање оптимизам. И така поминуваат две недели. Во меѓувреме направени се снимки на белите дробови и тестови за коронавирус. Белите дробови се ОК. Тестовите се негативни. Значи може да се оди дома. Се разбира со двонеделен карантин. Почнува рехабилитација. Вкупно четириесетина денови самоизолација и изолација. Првите денови надвор од дома се чудни. Ненавикнат на „слобода“. Сепак адаптирањето на новата ситуација се случува брзо. Се разбира продолжува рехабилитацијата. Шетање на чист воздух, возење велосипед и витаминска терапија“.
2. Какви последици остави вирусот на вашето ментално и емоционално здравје?
„Никакви. Оптимизмот кој што си го наметнав во болница ми помогна да останам без ментални и емоционални последици. Музиката, пред се, беше мојот лек во клиниката додека ги броев болничките денови. Така продолжувам и до ден денес од излегувањето од болница“.
3. Како сега се справувате со околината и како луѓето ве третираат откако дознаа дека сте го имале вирусот?
„Околината постепено ме прифати онаков каков што сум. Човек со прележан коронавирус. Се дружам со пријателите, се разбира со почитување на сите препораки за заштита од коронавирус. Верувам дека имам антитела во крвта, што значи некаков имунитет. Но сепак препораките на медицинарите треба да се почитуваат. Пред се носење маска. По излегувањето од болница, на почетокот, некои комшии во разговорот со мене постепено се оддалечуваа од мене. Како да сум се’ уште заразен. Како поминува времето ваквите предрасуди исчезнуваат или се намалуваат. Но не кај сите. Се’ уште има луѓе кои не веруваат дека постои вирусот. И со потсмев гледаат на мојот престој во болница. Сепак тоа е нивен проблем, а не мој, па нека се справуваат со него како што сакаат и умеат“.
Подготвија:
Кристина Ивановска, Арбен Зеќири, Душко Стефанов
Оваа сторија е изработена во рамките на работилницата: „Новинарството во време на пандемија, вонредна состојба и карантин – Предизвици, одговорност и период на промени и прилагодување“, организиранизирана од страна на фондацијата Конрад Аденауер и Здружението на новинарите на Македонија. Изнесените ставови во оваа сторија не ги одразуваат гледиштата на организаторите.