Мислење на Советот на честа за претставка против Саше Ивановски

Постапувајќи по претставката од подносителот, Данчо Арсов, која се однесува на коментарот на сопственикот на порталот maktel.mk, Саше Ивановски, даден после видео материјалот објавен на споменатиот портал на 24 . 07. 2016 – та, Советот на честа констатира повеќе прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.
Зборовите на Ивановски, цитираме : „Радуј се Циго, уште малце и пак ќе одиш у Шутка, извалкан со до гуша у криминал…“, ги кршат членовите 10, 11, 15 и 16 од Кодексот на новинарите.
Во случајов, сопственикот на maktel.mk јасно манифестира говор на омраза и поттикнува дискриминација на национална и расна основа. Истовремено, ја навредува ромската заедница, што е неспоиво со новинарската професија.
Пoради ова, го осудуваме коментарот на Саше Ивановски од 24 јули, затоа што сметаме дека постапил спротивно новинарската етика.
Со ваквото однесување Ивановски континуирано грубо го нарушува угледот и достоинството на новинарската професија.
Советот на честа потенцира уште еднаш дека почитувањето на професионалните стандарди, негувањето на културните и етичките вредности се приоритет за новинарите, затоа што е во интерес на јавноста, слободата на говорот и на вредностите на едно слободно и демократско општество.
Совет на честа на ЗНМ
Скопје, 29.07.2016 година