ЕУ и нејзините политики за поддршка на земјите-кандидатки во ерата на COVID-19

10 јуни 2020 година. Три месеци по прогласување на пандемијата, географската карта на светот посине. Плавиот маркер на Светската здравствена организација(СЗО) покажува 7,145,539 инфицирани со Ковид-19. 408 025 потврдени смртни случаи со коронавирусот на сите шест континенти, освен на Антарктикот. Таму не само што нема починати, здравствениот „Ковид билтен“ е празен, бидејќи има 0 заразени. Откажани се сите патувања и се држи во строга изолација. Наспроти ова, невидливиот непријател молскавично ја предводи битката на сите останати места на планетата. Економиите се столчени. Околу 300 милиони работни места се изгубени на глобално ниво, проценува Меѓународната организација на трудот кон крајот на мај. Во Европа веќе се подготвува стимулационен план од 750 милијарди евра. Европската Комисија(ЕК) предлага до 2027 да се распределат на земјите кои беа најмногу погодени од корона-кризата. Најголем дел од овој финансиски колач ќе искористат Италија и Шпанија, како жаришта со најголем број на жртви. 250 милијарди ќе бидат достапни како позајмица, а 500 милијарди ќе бидат доделени како грантови.
Земјите од Западен Балкан нема да останат слепо црево во регионот кога се работи за економско закрепнување. ЕУ во април ослободи итна финансиска помош за Западен Балкан за борба со Ковид-19.
„Ќе им помогнеме на нашите партнери да ги покријат итните потреби на здравствените системи и за промоција на долгорочни мерки за ублажување на социо-економските последици на кризата со коронавирусот и поддршка за малите и средни претпријатија во регионот“, изјави Оливер Вархеји еврокомесар за соседска политика и проширување
Водачите на ЕУ и нејзините држави-членки на 6-ти мај 2020 година во Загреб со Декларација се обврзаа на солидарност со шесте земји-аспиранти. „ЕУ многу брзо мобилизира пакет од над 3,3 милијарди евра во корист на Западниот Балкан, како што се наведува во комуникацијата на Комисијата од 29 април „ Поддршка за Западниот Балкан во борбата со КОВИД-19 и за закрепнувањето по пандемијата. Тоа вклучува непосредна поддршка за здравствениот сектор, поконкретно преку обезбедување на основна опрема за спасување живот и значајна поддршка за потребите на социјално и економското закрепнување на нашите партнери, како што и пакет од 750 милиони евра макрофинансиска помош и пакет од 1,7 милијарди евра помош од Европската инвестициска банка“, пишува во третата точка од Декларацијата од Загреб.

Лидерите на земјите членки и кандидатки се согласиле дека ЕУ и Западен Балкан заеднички ги решаваат заедничките предизвици. Преку заедничка набавка и неограничен трговски тек на лична заштитна опрема, осигурување на брз проток на стоки преку т.н зелени ленти кои ги поврзуваат ЕУ и Западен Балкан, набавки од ЕУ на материјали за тестирање итн. Оваа најава ги поттикна евроскептиците на дебата на која се тестираат искрените заложби на партнерите. Се дискутираше и за лицемерието и дали пандемијата го откри себично лице на „големите“ пријатели.
Поголем дел од земјите-кандидати изразија благодарност за веќе примената помош од ЕУ за справување. Во некои земји лидерството испрати негативни тонови на сметка на помошта од Унијата и се почувствува доминацијата на евроскептицизмот.
Северна Македонија: Финансиската помош jа потопи „патриотската“ пропаганда
Европската Унија и нејзините земји-членки се најсилната поддршка и партнер во Северна Македонија во оваа криза, велат од канцеларијата на ЕУ во земјава. Ова се официјалните податоци кои ги добивме од кабинетот на амбасадорот Самуел Жбогар:
- 4 милиони евра за итна медицинска помош-2/3 од медицинскиот пакет вклучуваат респиратори
- 3 милиони евра директна поддршка за Буџетот
- 9 милиони евра директна финансиска помош за малите и средни претпријатија која ќе стартува наесен
- 40 милиони евра фондови за финансирање на владата како поддршка за малите и микро претпријатијата и активни мерки за вработување. Првата транша ќе пристигне после летото
- 10 милиони евра за алокација на здравствените и други итни потреби кои би се јавиле во иднина
За помош во иднина ЕУ активираше неколку механизми : Европската Комисија предложи до Европскиот совет и Европскиот Парламент 160 милиони евра заем за нашата држава кој ќе ги амортизира финансиските потреси предизвикани од Ковид-19, Северна Македонија има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и системот за брза сигнализација на ЕУ за заразни болести. На 22 април, Евроамбасадорот Самуел Жбогар на својот Твитер профил објави дека Република Северна Македонија ќе добие помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Набројани беа 5 генератори, 25 семејни шатори, 200 душеци и 1.000 ќебиња. Австрија, прати „поздрав“ со медицински нараквици и средства за дезинфекција. Оваа помош набрзо наиде на ироничен одговор. По социјалните мрежи започна анти-ЕУ кампања „Ќебе за тебе“ поттикната од некогашната кампања „ЕУ за тебе“. Донацијата од 1000 ќебиња преку Механизмот за цивилна заштита беше злоупотребена од евроскептиците со што пакетот вреден 66 милиони евра за Северна Македонија падна во втор план.

По речиси два месеца перцепцијата се исправува. Самитот во Загреб и тековните финансиски инјекции од ЕУ ги фрлија во сенка сарказмот и „патриотските“ коментари на евроскептиците.
„Изминатиот период не беше спроведено истражување кое може да покаже дали граѓаните ја промениле перцепцијата и дали пораснал евроскептицизмот. Но, следејќи ја ситуацијата можам да кажам дека таа анти-ЕУ пропаганда траеше многу кратко, освен на социјалните мрежи не доби значително место во медиумите. Се повеќе се слушаа изјавите со благодарност до ЕУ од нашите владини претставници“, вели за ова истражување Стефан Ристовски од Институтот за европска политика(ЕПИ).
Северна Македонија има пристап до 4 милиони евра кон ЕУ инструментите за јавното здравство како и можност за набавка на медицинска опрема. Важно е да се напомене дека реакцијата на Унијата беше навремена и пакетот мерки за Западен Балкан, беше официјализиран на Самитот во Загреб, потсетува Александар Јовановски од Хелсиншкиот комитет.
„ Она што е најважно се однесува на финансискиот пакет за директна економска поддршка од 128 милиони евра преку позајмици и кредити од Европската инвестициска банка кои ќе бидат администрирани од страна на комерцијалните банки во државата. Исто така, преку макро-финансиската поддршка ќе имаме пристап до дополнителни 160 милиони евра, вели Јовановски за нашата анализа.
Неговата забелешка се однесува токму на владините претставници.
„Дел од мерките не се доволно објаснети на граѓаните , ако се има предвид дека овој период најмногу доминираше дискусијата околу одржување на предвремените парламентарни избори. За да се обезбеди поголема транспарентност и информираност СЕП треба поредовно да ја информира јавноста“, заклучува Јовановски.
Албанија: ЕУ од прв ден стои до Албанците
Исто како и во Македонија и во Албанија влегоа 4 милиони евра наменети за здравството. На денот на Европа(9 мај) премиерот Еди Рама и амбасадорот на ЕУ во Албанија, Луиџи Сореца информираа дека за справување со коронавирусот ЕУ определила 230 милиони евра. 4 милиони стигнаа веднаш, а други 205 милиони се најавени за јуни, а наменети за социјална заштита и економско закрепнување.
„Во овој момент што зборуваме со оваа криза предизвикана од коронавирусот и во овој случај уште од првиот ден ЕУ стоела до Албанците и 230милиони евра се распределени за оваа земја. И тука повторно ЕУ дели уште 480 милиони евра задолжување по каматни стапки исти како за земјите-членки и овие средства ќе бидат достапни на почетокот на јули“, истакна Сореца.
Првиот човек во албанската Влада, Еди Рама пак вети дека злоупотребите нема да стават дамка врз европските пари.
„Работата со здравствениот систем продолжува благодарение и на поддршката од ЕУ, но сакам да истакнам и да им викан на оние кои што се жалат дека веќе се украдени парите кои Унијата ги стави на располагање дека тие пари тукушто почнаа да се дистрибуираат и се строго мониторирани од ЕУ. Не се пари што доаѓаат со куфери, туку фондови кои се структурираат со јасни проекти“ порача албанскиот премиер Рама.
Косово: ЕУ одигра клучна улога во лекувањето на финансиските рани
Косовската влада објави дека 5 милиони евра пристигнале во државата. Покрај оваа директна помош која ги „лекува“ здравствените рани, ЕУ подготви и 63 милиони евра како среднорочни мерки и помош за социо-економски грантови. Планирани се и околу 100 милиони евра кредит, како макро-економска помош за оваа земја.
„Помошта ќе биде во две фази. Прво од ЕУ имаме осигурено 30 респираторни машини, 75 инфузиски пумпи, 75 шприцеви за пумпа за инфузија, 5 амбулантни возила, 200 пулсни оксиметри, 70 монитори на пациенти, 5 дефибрилатори, 20 електрокардиограми и 400 легла. Доколку недостасуваат се има и предвид 3000 цевки за возрасни и деца, 5 амбулантни возила, 25 000 тестови за Ковид-19, 650 000 FFP2 респиратори, 130 000 маски за лице, 70 000 ракавици, 140 000 литри дезинфициенс за раце. Во втората фаза ќе бидат осигурени уште 20 амбулантни возиила, лекови и лична заштитна опрема“, стои во соопштението на косовската Влада.
Фондацијата „Oтворено општество“ во Косово (КФОС) направи истражување на оваа тема. Се констатира дека помошта од ЕУ доцнела генерално за Западен Балкан, не само за Косово. Тензиите кулминираа кога ЕК на 15 март го спречи извозот на медицинска и заштитна опрема надвор од границите на ЕУ. Пет дена потоа, Комисијата донесе одлука со исклучоци, согласно Договорите за стабилизација и асоцијација: „Над 410 милиони евра беше вкупната сума како итна помош распоредена за земјите од регионот. Косово доби 5 милиони евра и сите средства се главно посветени на итните потреби на Универзитетскиот клинички центар и вклучуваат соодветна медицинска опрема која е неопходна за борба против кризата“, стои во истражувањето.
Сепак, исто како и во повеќето земји во соседството се покажа дека ЕУ остануваат големи пријатели на овие простори.
„Мојата оценка е дека помошта од ЕУ има клучна улога врз ефектите на брз рок и среден рок во време на пандемијата. Понудена е финансиска помош, експертиза преку размена на информации, овозможен е слободен проток за потребниот медицински материјал преку зелените коридори… Можам да заклучам дека ЕУ е клучниот играч во давањето финансиска и техничка асистенција за справување со Ковид-кризата“, појаснува за ова истражување Демуш Шаша, извршен директор на Институтот ЕПИК во Косово.
Босна и Херцеговина: Оставки, истрага и суспензии поради можни злоупотреби на парите
За Босна и Херцеговина, покрај помошта во форма на медицинска опрема, издвоени се повеќе од 300 милиони евра за ублажување на социјалните и економските последици од епидемијата. Трошењето на овие средства ќе бидат внимателно следени, велат од ЕУ, а европските тела редовно ќе вршат ревизии за трошењето на парите. Ова го најави шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер откако во јавноста изби аферата со набавка на респиратори во која биле замешани и лица од самиот политички врв. Дополнителен проблем за неискористување на средствата се несогласувањата во владејачката гарнитура. На тоа предупредија и претставниците на меѓународните мисии. Босна и Херцеговина кон крајот на мај доби нов контингент за медицинска нега, обезбедена од Европската унија. Во неа имаше квалитетни респиратори за тешки пациенти со коронавирус.
Апаратите и заштитната опрема вредат 800.000 евра, а шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер, напомена дека за време на предавањето на донацијата дека на овој начин Унијата уште еднаш ја докажува својата подготвеност за поддршка на БиХ. Новите респиратори се произведени во Шведска со докажан квалитет, за разлика од оние што ги набави Федерацијата на БиХ во април од Кина, кои се покажаа како неупотребливи во единиците за интензивна нега за кои беа наменети. За оваа зделка беа исплатени 5,3 милиони евра од буџетот на БиХ, a обвинителството сега води и истрага.
Црна Гора: Задоцнетата помош помина низ политичката призма
Од здравствен аспект Црна Гора е лидер помеѓу останатите земји-кандидати за ЕУ по една клучна работа- прва прогласи крај на епидемијата(2 јуни). Таму минаа два периоди на инкубација од 28 дена без нови случаи на инфекција со вирусот на корона. Црна Гора како членка на НАТО преку Механизмот на Северноатлантската спогодба побара маски, ракавици, респиратори и друга заштитна и медицинска опрема во борбата против ширењето на коронавирусот. На 11 мај евроамбасадорот во Црна Гора, Аиво Орав информираше за неповратни 53 милиони евра од ЕУ за оваа земја како одговор за Ковид-19. 3 милиони евра за итни потреби на здравството, 100 респиратори, 10 дигитални рендген апарати, 85 .000 заштитни маски, 80 илјади пара ракавици и 50 илјади парчиња на друга заштитна опрема, контролен материјал за 20 илјади тестови, храна и заштитни средства за 600 ромски семејства, заштитна опрема за затворска установа.
Борис Раониќ, претседател на НВО Граѓанска алијанса оценува дека ЕУ помошта во Црна Гора не стигнала на време и спората реакција придонела да се појави евроскептицизмот и паралелно да се зголеми влијанието од Исток.
„ЕУ за време на епидемијата покажа бавност и неодлучност која ги охрабри евроскептиците. Иако помошта е значителна и најголема таа пристигна касно. Тоа е доказ колку е опасно кога вакви моќни и големи системи водат ги водат бирократи, а не политичари со визија. За Црна Гора тоа е особено важно, бидејќи по повеќедецениската битка конечно се поместивме кон Запад и тој курс сега не смее да биде загрозен, туку напротив, дополнително зајакнат“, вели Раониќ за нашата анализа.
Ветената помош од ЕУ се врзува со многубројни процеси кои ја водат земјата кон посакуваното интегрирање, но Раониќ предупредува на една контрадикторност:
„ЕУ најави помош за стопанството, а Владата не може да даде поддршка за компаниите. Токму тој дел е опфатен со последното поглавје од преговорите кое не може да го отвориме и се однесува на конкуренцијата. Од друга страна ЕУ ги крши истите правила. Е проблем ако ЕУ планира да печати нови количини на пари. Во Црна Гора еврото е национална валута и печатењето ќе влијае врз финансиските токови во земјата. Сето ова им дава кислород на антизападните сили тука“, анализира Раониќ.
Србија: Од „бајка на хартија“ до продажба на еврообврзници
Во Србија, сѐ почна на 15 март кога претседателот Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба. Тој ден претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Леен ја соопшти забраната за извоз на медицинска опрема од ЕУ-земјите. Оваа одлука го испровоцира Вучиќ да упати емотивни критики до европските земји.
„Не сакам сега да донесам политички заклучоци, туку кога се ќе помине, но сфативме дека не постои голема меѓународна европска солидарност и сето тоа беше бајка на хартија“, кажа Вучиќ на прес конференцијата. Истиот ден упати писмо до Кина, до претседателот Си Џипинг од кој побара помош и во лекари. Со овој политички потег не се согласуваат и дел од србите:
„Реафирмацијата на ваквиот дискурс во јавноста во најмала рака претставува дипломатска несериозност на власта во Србија, особено ако се земе предвид дека се уште е приоритет барем декларативно членството во ЕУ. Но, ваквото дејствување на Србија во време на пандемијата не треба да не изненади, бидејќи претставува продолжение на повеќегодишната пракса на неискрен однос кон ЕУ и неконзистентното определување за членство. Како што и професорот Флип Ејдус вели – Помошта на ЕУ кон Србија традиционално се доживува како помош на богатата маќеа која дава многу помалку од тоа што може, а кажува многу повеќе од тоа што треба. “, пишува во колумната Страхиња Суботиќ од Центар за европски политики во Белград.
Еден месец потоа, Вучиќ се заблагодарува на големата помош од ЕУ и притоа им нуди на европските земји заштитна опрема и респиратори. ЕУ одобри 93 милиони евра помош за Србија, од кои 15 милиони за итни случаи и 78 милиони евра за економско закрепнување на земјата. Сепак Србија кажа „не, благодарам“ на макрофинансиската помош во вид на кредит која ЕУ ја понуди како пакет од 3,3 милијарди евра од ММФ. Истовремено, Србија на меѓународниот финансиски пазар продаде државни обврзници во износ од две милијарди евра.
„Србија е единствената земја во Европа која за време на пандемијата излезе на меѓународниот пазар на капитал, а притоа нема помош од Европската централна банка во пласирањето на хартии од вредност“, објави Министерството за финансии во Србија.

Во светот и европските земји се уште се бројат жртвите на Ковид-19. Со засилено темпо се менуваат и растат бројките на затворени компании и невработени лица. Глобалната економска криза турка милиони луѓе во сиромаштија, најдлабока рецесија на економиите по втората светска војна, прогнозира Светска банка. Во оваа криза ЕУ ги покажа слабостите, но брзо ја научи лекцијата и ги обврза земјите членки и кандидати на Декларација на единство и солидарност. На тој начин ЕУ реши да го зацврсти својот ангажман на сите полиња и истовремено да ги поттикне партнерите од Западен Балкан да ги спроведат неопходните реформи.
Изработиле:
Христина Беловска
Зоран Маџоски
Ајнуре Бафќари
Симона Велкова
Оваа сторија е изработена во рамките на работилницата: „Новинарството во време на пандемија, вонредна состојба и карантин – Предизвици, одговорност и период на промени и прилагодување“, организиранизирана од страна на фондацијата Конрад Аденауер и Здружението на новинарите на Македонија. Изнесените ставови во оваа сторија не ги одразуваат гледиштата на организаторите.