Доделени сертификати за завршена обука за истражувачко новинарство

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Американската амбасада во Македонија доделија сертификати за успешно завршена обука за истражувачко новинарство, која беше наменета за младите новинари од Македонија. Тема на обуката, која траеше девет месеци беше: „Унапредување на техники за истражување и креативно презентирање“.
Предавачи на обуките беа искусните новинари Зоран Димитровски и Зоран Ричлиев, а младите новинари имаа можност да ги слушнат искуствата и советите на гостите на обуките, кои најчесто беа долгогодишни новинари со богато искуство во истражувачкото новинарство.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, и се заблагодари на Американската амбасада која секогаш давала поддршка на ЗНМ во борбата за слобода на говорот и медиумите. Тој истакна дека овој вид на обуки се од огромна важност за младите новинари и истражувачи. Според Селмани, во новинарството многу е важно да знаете да дојдете до веста. „Најчесто за да дојдете до значајните вести треба длабоко да истражите и да анализирате многу податоци. Овие обуки токму тоа го имаа за цел. Да научите да ја препознаете веста, а потоа да ја пласирате на начин кој ќе биде разбирлив за целата јавност“, рече тој.