Да престанат нападите врз новинарите во Македонија

Скопје, 11 Март – Регионалната мрежа за застапување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, изразува полна солидарност и поддршка за новинарите и медиумските работници во Македонија кои се соочуваат со постојани притисоци, вклучувајќи и физички напади и закани со смрт.
Посебно загрижува фактот што во координираните напади се вклучени и носители на јавни функции и претставници на државните институции. Во последните четири години во Македонија се регистрирани 44 напади против новинари, од кои само во последната година се случиле 19.
„Додека Европскиот суд за човекови права од Стрзбург утврди кршење на слободата на изразувањето во Македонија, македонските институции немаат казнето ниту еден напаѓач на новинарите“, истакна Насер Селман, претседател на ЗНМ.
Членките на оваа регионална мрежа, која се бори за слободата на изразување и за физичката безбедност на новинарите, бара од македонските институции веднаш да го спречат секое насилство врз новинари и веднаш и ефикасно да ги истражат сите досегашни напади, односно да се откријат и казнат сторителите и нарачателите.
Регионалната мрежа силно го поддржува Здружението на новинарите на Македонија и нивните напори за заштита на новинарите и слободата на говорот. Во исто време ги повикуваме меѓународните организаци да извршат дополнителен притисок врз македонските власти да ја почитуваат слободата на говорот и да ја гарантираат безбедноста на новинарите.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб
Здружението на новинари на Македонија
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора
Здружение на новинари на Б и Х
Хрватско здружение на новинари
Здружение на новинарите на Косово