Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Германскиот пратеник Фрај го посети ЗНМ

unnamed
ZNM
петок 11 ноември, 2016петок 11 ноември, 2016/ петок 11 ноември, 2016

Пратеникот на Германскиот бундестаг од редовите на ЦДУ Торстен Фрај, во неделата, се сретна со раководството на Здружението на новинарите на Македонија.

На средбата, која се одржа во просториите на ЗНМ, претседателот Насер Селмани го запозна пратеникот Фрај со лошата состојба на слободата на изразувањето и слободата на медиумите во Македонија. „Медиумите се заложници на интересите на Владата и на сопствениците на медиумите и тие наместо да ги информираат граѓаните, претворени се во пропагандна машинерија на власта“, истaкна на средбата првиот човек на ЗНМ.

Селмани рече дека Владата ги користи сите инструменти на власта да ја ограничи слободата на медиумите. Последните три години ескалира насилството врз новинари, а институциите  не ги казнуваат насилниците. „Се сомневаме дека власта свесно толерира насилство со цел да ги заплашува новинарите и да ги одврати од намерата да ги критикуваат нејзините политики. Од 37 напади врз новинари институциите немаат расветлено ниту еден“, додаде Селмани.

Тој објасни дека Владата ги злоупотребува и јавните пари за да ги корумпира медиумите со намера да ја загрози нивната независност. Со нетранспаретно и ненаменско трошење јавни пари во медиуми Владата го нарушува медиумскиот пазар и создава финансиска зависнот на медиумите од Владата, која во вкупниот медиумски пазар учествува со над 30 отсто. Наместо трошење јавни пари за промоција на работата на Владата, Селмани предложи Владата да ја субвенционира продукцијата на квалитетна медиумска содржина.

Тој ја обвини Владата и за нарушување на независноста на јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Според него, МРТ и Агенцијата за медиуми се раководат од партиски војници, а немаат ниту одржлив извор на финансирање.

Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски објасни дека ЗНМ предлага конкретни мерки како може да се надмине лошата состојба со слободата на медиумите. Секуловски рече дека прво треба институциите да ги казнат напаѓачите на новинарите,  а Владата да прекине со практиката на корумпирање на медиумите со јавни средства. Освен тоа, треба да се департизираат и да се професионализираат јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор, а судовите да ја зајакнат примената на практиката на Европскиот суд за човекови права и слободи.

Во текот на престојот во Македонија, пратеникот Фрај имаше средби и со претставници на власта и на политичките партии, со кои разговарал за безбедноста на македонските граници, за економската состојба во земјата и за активностите за следните избори.

ЗНМ

11 Нември, Скопје

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: