Средба на ЗНМ со новинари и медиумски работници од Полошкиот регион

Пристапот до информации, комуникацијата со локалните институции, безбедноста на новинарите, условите за работа и долгогодишниот статус на дописниците беа меѓу главните теми на средбата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со новинари и медиумски работници од Полошкиот регионален центар во Тетово.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, заедно со претставници од канцеларијата на ЗНМ, разговараше со присутните за конкретните проблеми со кои се соочуваат новинарите во регионот, како и за можностите ЗНМ да обезбеди поддршка во нивното решавање.
Посебно внимание беше посветено на последните инциденти пријавени од дел од членството во регионот и на постапувањето на надлежните институции во овие случаи. Новинарите ги споделија своите искуства и укажаа на потребата институциите посериозно и навремено да постапуваат кога станува збор за притисоци, закани или други форми на попречување на нивната работа.
Беше отворено и прашањето за статусот на дописниците, кои и понатаму често работат во специфични услови, без доволно јасен професионален и работен статус и со ограничена поддршка од матичните редакции. Во тој контекст беше нагласена важноста новинарите од регионите да имаат директна комуникација со ЗНМ и можност навремено да побараат совет, правна или друга професионална поддршка.
Претседателот на ЗНМ истакна дека директната комуникација со членството е важна за навремено препознавање на локалните проблеми и за утврдување на конкретните области во кои Здружението може да помогне.
Ваквите средби се дел од редовната практика на ЗНМ за поголемо вклучување на новинарите и медиумските работници надвор од Скопје, подобро запознавање со предизвиците со кои се соочуваат на локално ниво и утврдување на прашањата за кои ЗНМ може да обезбеди поддршка. Во следните недели ќе следуваат слични активности и средби со новинарите во останатите пет регионални центри на ЗНМ.
