Сведоштво на новинарот Благој Серсемов во врска со тужбата за клевета поднесена против него

Против новинарот Благој Серсемов од Штип беше поднесена тужба за клевета и нематеријална штета од компанија во земјава со странско сопствеништво. Основниот суд во Штип донесе пресуда со која му наложи да плати 60.000 денари отштета за содржина објавена на неговиот Фејсбук профил, иако за време на судењето не беа презентирани докази за нанесена штета. Случајот претставува класичен пример на СЛАПП тужба, а одлуката сега се очекува да биде преиспитана од Апелациониот суд.
Тоа што загрижува е што наместо охрабрување за истражувачко новинарство, се испраќа порака дека секој критички осврт кон влијателни бизнис интереси може да биде санкциониран.
Во врска со овој случај, во продолжение пренесуваме сведоштво на колегата Серсемов:
„Истражувајќи ја темата за брзите кредити открив сериозни злоупотреби – граѓаните плаќаат енормни камати, а кога не можат да го вратат долгот, фирмите испраќаат луѓе по нив дома или на работа, често со методи на заплашување. Дополнителен проблем се појави кога беше формирана фирмата ‘Национална агенција за наплата’, чиј назив намерно создава забуна дека е државна институција.
По моите јавни објави на М Нет ТВ и на Фејсбук добив опомена пред тужба со барање да ги повлечам текстовите и јавно да се извинам. Одбив, убеден дека станува збор за СЛАПП тужба со цел да бидам замолчен. Иако мојата критика се однесуваше на фирмата што ја основа агенцијата, не на агенцијата директно, судот донесе пресуда против мене, игнорирајќи ги доставените докази“-сведочи Благој Серсемов.
