Од дигитална безбедност до теренски симулации: младите новинари учеа, истражуваа за време на летната школа на ЗНМ во Охрид

Дваесетина млади новинари и студенти учествуваа на петдневната Т-АЈМ летна школа, посветена на новите технологии, безбедноста, истражувачкото новинарство, етиката и грижата за менталното здравје.
Како да се заштитат новинарските извори и податоци? Како безбедно да се известува од терен, да се препознае професионалното прегорување и да се развие истражувачка приказна од првата информација до објавувањето? Ова беа дел од прашањата на кои дваесетина млади новинари, медиумски работници и студенти бараа одговори на Т-АЈМ летната школа, одржана од 21 до 25 јули во Охрид.

Во текот на петте дена, учесниците работеа со искусни новинари и експерти, комбинирајќи кратки предавања, интерактивни дискусии и практични вежби. Програмата беше насочена кон зајакнување на професионалните вештини, градење безбедни работни практики и поттикнување соработка и солидарност во медиумската заедница.
Александар Манасиев ги претстави современите дигитални ризици, заштитата на извори и податоци и можностите и ограничувањата на вештачката интелигенција во новинарството. Психологот Деспина Стојановска, преку практични примери, отвори разговор за стресот, професионалното прегорување и грижата за себе во професија што често подразбира работа под притисок и изложеност на тешки приказни.

Истражувачкото новинарство беше обработено од повеќе агли. Маја Јовановска и Миомир Серафиновиќ говореа за проценката на ризици и одговорното работење со чувствителни теми, додека Сашка Цветковска и Трајче Антоновски го прикажаа патот од првата информација до финалната истражувачка сторија, со акцент на истрајноста, проверката на фактите и тимската работа.

Зоран Ричлиев ги воведе учесниците во мапирањето и управувањето со ризици при работа на терен, Огнен Јанески го претстави новиот Етички кодекс на новинарите, а Александар Димитриевски се осврна на професионалните стандарди при известување за економски теми од јавен интерес. Милан Спировски ги претстави механизмите за правна, институционална и меѓународна поддршка што ги нуди мрежата SafeJournalists.

Особено динамичен дел од школата беа практичните симулации. Учесниците работеа на реални новинарски сценарија, известуваа за чувствителни теми, поставуваа прашања на „високи функционери“, проценуваа ризици и носеа редакциски одлуки под временски притисок. Групната работа ја водеа Билјана Н. Каланоска, Елизабета Стојановиќ и Верче Т. Костовска од канцеларијата на ЗНМ.
За учесниците, школата беше истовремено простор за учење, размена и нови професионални поврзувања.
„Програмата понуди квалитетни теоретски и практични знаења, но и можност за размена на искуства и соработка со млади колеги и искусни професионалци. Школата отвора простор и за идни заеднички иницијативи“, вели учесничката Мартина Илиевска.
Анемша Шабани посочува дека темите биле директно поврзани со секојдневните предизвици во редакциите: „Од школата заминувам со нови сознанија, практични идеи и дополнителна мотивација за понатамошно унапредување на мојата работа како новинарка“.
За Мирослава Симоновска, особено вреден бил пристапот до практични истражувачки ресурси: „Школата ни посочи бази на отворени податоци од кои можат да произлезат бројни истражувања. Работата беше многу практична и инспиративна“.
Летната школа беше отворена со обраќања на претставниците на Фондацијата Конрад Аденауер и на Здружението на новинарите на Македонија, кои ја нагласија важноста на континуираното професионално усовршување и создавањето нова генерација новинари што ќе работи според највисоки професионални и етички стандарди.



Со оваа активност, Тренинг-академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ) продолжува да создава простор во кој младите новинари можат да стекнат применливи знаења, да изградат професионални контакти и посигурно да одговорат на предизвиците на современото новинарство.



Летната школа беше реализирана во рамки на Тренинг-академијата за новинари и медиумски работници (Т-АЈМ), проект финансиран од Европската Унија и кофинансирана од Фондацијата Конрад Аденауер, Канцеларија Скопје
