Критиката кон медиумите бара аргументи, а не етикети

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува употребата на паушални и дискредитирачки квалификации кон медиуми, редакции и новинари, особено кога тие се пласираат во чувствителен политички и општествен контекст и можат да придонесат кон дополнителна поларизација во јавноста.
Повод за оваа реакција се јавни настапи во подкаст од Бугарија, како и последователни медиумски објави на македонски јазик, во кои се изнесени сериозни негативни квалификации за уредувачката политика на националната телевизија Канал 5. Во изминатиот период ЗНМ имаше комуникација со редакцијата од овој медиум во врска со ваквиот јавен дискурс, поради што важно е да се укаже на неколку принципи што се однесуваат на сите медиуми и редакции.
ЗНМ потсетува дека јавната критика кон медиумите е составен дел од демократскиот медиумски простор. Секој медиум може да биде предмет на јавна, професионална дебата, особено кога станува збор за прашања од јавен интерес. Притоа, во чувствителен општествен и политички контекст, важно е таквата критика да се изнесува внимателно, со јасни аргументи и со почитување на професионалните и етичките стандарди, за јавната комуникација да не се претвори во етикетирање или во дополнителен притисок врз новинарите.
Ова е особено важно кога јавниот говор се однесува на теми што допираат до меѓунационални односи, односи меѓу заедници или односи меѓу држави. Во такви ситуации, медиумите како и учесниците во јавната дебата, треба да бидат фактор на стабилност, информираност и меѓусебно разбирање, а не повод за нови поделби, стигматизација или политичка злоупотреба.
ЗНМ потсетува дека за забелешки поврзани со конкретно известување или непочитување на професионалните и етичките стандарди на било кој медиум во земјава постојат воспоставени и кредибилни механизми на медиумска саморегулација. Таквите прашања може да се разгледуваат пред Советот на честа при ЗНМ и пред Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), каде што се овозможува стручна, непристрасна и аргументирана оценка.
Затоа, ЗНМ повикува сите новинари, уредници, коментатори, јавни личности и учесници во медиумскиот дискурс да постапуваат одговорно, да избегнуваат етикетирање и да придонесуваат кон јавна комуникација заснована на факти, професионални стандарди и почитување на достоинството на новинарите и редакциите.
