ЗНМ и УНДП ја иницираа неформалната Мрежа за информациски интегритет

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во Клубот на новинарите во Скопје ја одржа првата консултативна средба за формирање на неформална Мрежа за информациски интегритет во Република Северна Македонија.
Иницијативата се реализира во рамки на глобалната поддршка за мрежи за информациски интегритет на Обединетите нации и има за цел да создаде платформа за соработка меѓу институциите, медиумите, граѓанските организации, академската и технолошката заедница, како и меѓународните партнери во справувањето со современите предизвици во информативниот простор.

На средбата беше презентиран концептот на мрежата и беа отворени дискусии за нејзината структура, приоритети и можните механизми за заедничко дејствување. Учесниците разменија мислења за начините на кои различните општествени чинители можат да придонесат кон зајакнување на информацискиот интегритет и отпорноста на јавноста на дезинформации и манипулативни содржини.
Во услови на сè почеста злоупотреба на дигиталните технологии, ширење на дезинформации и говор на омраза, учесниците ја нагласија потребата од координиран и фокусиран пристап и партнерство во заштитата на правото на граѓаните на точни, веродостојни и разновидни информации.
ЗНМ и УНДП ќе продолжат да работат со сите заинтересирани страни на понатамошниот развој на оваа иницијатива, со цел воспоставување одржлива мрежа која ќе придонесува за унапредување на медиумската средина, демократските процеси и довербата во јавниот информативен простор.

