Јакнење на етичките стандарди во новинарството преку обука за новиот Кодекс на новинарите и снимателите од МРТ

Како да се примени новиот Кодекс на новинарите во секојдневната работа, како да се зачува професионалниот интегритет, да се препознаат етичките дилеми и да се одговори на предизвиците што ги носат дезинформациите, дигиталното новинарство и вештачката интелигенција, беа дел од темите на кои новинари и медиумски работници од Македонската радио-телевизија дискутираа за време на дводневната обука „Новиот Кодекс на новинарите на Македонија: етика, професионализам и независност“, што Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја организираше на 24 и 25 јули во Охрид.
Обуката се реализираше преку интерактивен пристап кој вклучуваше презентации, дискусии, групни вежби, студии на случај и симулации, со цел да се поттикне практичната примена на стекнатите знаења. Обучувачи беа Васко Маглешов, Огнен Јанески и Трајче Илиевски.

Учесниците имаа можност да се запознаат со новините во Кодексот на новинарите, како и со неговата примена во секојдневната новинарска пракса. Фокусот беше ставен на темелите на новинарството, точноста и интегритетот, етиката, јавниот интерес, проверката на информации, користењето извори, како и разграничувањето меѓу факти, мислења и коментари. Дополнително, беа обработени прашања поврзани со исправки, деманти, транспарентност, плагијат и манипулација, како и со предизвиците на современото новинарство – чувствителното известување, заштитата на приватноста и достоинството, третманот на деца и ранливи групи, говорот на омраза, дискриминацијата и стереотипите.



Обучувачот Васко Маглешов истакна дека посебен акцент бил ставен на промените во одредбите на Етичкиот кодекс, особено на оние што воведуваат нови саморегулаторни правила.

„Со колегите од јавниот радиодифузен сервис преку примери дискутиравме за тоа што претставува јавен интерес и за потребата од јасно разграничување меѓу јавниот интерес и љубопитноста на јавноста. Преку практични вежби ги ставивме учесниците во позиција да донесат професионална одлука и да направат етички избор во конкретни ситуации“, посочи Маглешов.
Тој додаде дека на обуката биле опфатени и новите одредби што за првпат се воведуваат во македонскиот Кодекс на новинарите, а се однесуваат на тајно снимање, известувањето за самоубиства и обиди за самоубиства, користењето вештачка интелигенција како алатка за создавање и преработка на содржини, како и новинарскиот интегритет во однос на подароци и други поволности.
Обучувачот Огнен Јанески истакна дека особено значајно било тоа што одредбите од новиот Кодекс на новинарите биле разгледувани низ конкретни професионални дилеми и уредувачки одлуки.

„За мене, највредно во работата со колегите од МРТ беше тоа што одредбите од новиот Кодекс ги преточивме во конкретни професионални дилеми и уредувачки одлуки. Преку случаи од секојдневната практика разговаравме како да се постапи кога се испреплетуваат брзината, јавниот интерес, достоинството на луѓето и одговорноста кон публиката. За јавниот радиодифузен сервис, ваквите разговори имаат особена тежина, бидејќи довербата се гради со доследни, образложени и етички одлуки“, посочи Јанески.
Тој додаде дека практичниот пристап и дискусиите околу реални ситуации им овозможиле на учесниците подобро да ги разберат принципите на Кодексот и нивната примена во секојдневното новинарско работење.
Активноста беше дел од проектот „Јакнење на новинарските стандарди за поголема доверба во медиумите“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Целта на проектот е да придонесе кон унапредување на професионалните практики и почитување на етичките принципи во новинарството во Северна Македонија.

Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
