Јавен повик за доставување на објавен новинарски текст/видео сторија на тема ,,Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија”

Референтен број: УНДП/2023/00122883-ЗНМ – 001
Наслов на проектот: „Справување со загадувањето на воздухот“ (Scaling up actions to tackle air pollution )
Лот: Годишна новинарска награда 2023 (Annual journalist award)
ЈАВЕН ПОВИК
За доставување на објавен новинарски текст/видео сторија на тема
„Справување со загадувањето на воздухот во РС Македонија“
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот „Справување со загадувањето на воздухот„[1]предвидува доделување на награди за објавен новинарски текст/видео сторија на тема „Справување со загадувањето на воздухот – јакнење на јавната свест за проблемите и можните решенија“.
За таа цел се распишува и овој јавен повик за доставување на пријави за објавен новинарски текст или видео сторија што треба да ги исполнува следниве критериуми:
- Текстот или видеото да биде автентично авторско дело кое преку запазување на највисоките етички стандарди во новинарската професија придонесува кон подигање на јавната свест за теми поврзани со квалитетот и загадувањето на воздухот, но исто така се обидува да понуди можни решенија поврзани со оваа проблематика
- Медиумскиот продукт треба да биде во форма на текст или видео сторија, на македонски јазик или јазик на етничките заедници (со превод / титл на македонски јазик)
- Медиумскиот продукт да е објавен во медиум регистриран во државата, традиционален или онлајн, во период од август 2022 година до август 2023 година.
- Апликацијата да има најмногу еден текст или прилог од истиот автор/автори. Исклучок е можен доколку станува збор за текст или прилог во низа.
Целта на повикот и наградите е да се подигне свеста за постоечките проблеми со аерозагадувањето и да се поттикне поголема покриеност на овие теми од страна на новинарите на локално и национално ниво како придонес кон изнаоѓање на најдобрите начините за нивно решавање или ублажување.
Начин и рок за аплицирање:
На јавниот повик се очекува да се пријават новинари/автори кои имаат објавено новинарски текстови, видео стории или истражувања на оваа тема, кои што ќе можат да придонесат кон ставање поголем акцент и внимание на аерозагадувањето, подобро препознавање на изворите на загадување, но и за тоа какви напори досега се направени или се прават од страна на разни чинители за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот, особено во урбаните средини.
Заинтересираните треба да ја достават својата апликација, со назнака „Апликација по повик УНДП/2023/00122883-ЗНМ – 001“ преку:
- Електронска пошта, на следнава адреса contact@znm.org.mk“
или
- По пошта, на следнава адреса:
Здружение на новинарите на Македонија,
Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ
Крајниот рок за доставување на апликации е 5.12.2023 (недела) до 24ч, ЦЕВ.
Фонд за награди:
Вкупниот фонд за награди изнесува 150,000 МКД бруто, и предвидува:
Прва награда: 70.000 денари бруто
Втора награда: 50.000 денари бруто
Трета награда: 30.000 денари бруто
За проектот:
Проектот Справување со загадувањето на воздухот има цел да ги поддржи локалните власти во пет пилот општини во Северна Македонија, во насока на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, идентификување, развој и спроведување соодветни мерки за решавање на проблемите, јакнење на капацитетите на партнерските организации, како и подигање на јавната свест. Вклучувањето и информирањето на јавноста за прашањата за квалитетот и загадувањето на воздухот е клучен фактор за успехот на проектот. Проектот посветува особено внимание на градење партнерства и зголемување на капацитетите на граѓанските организации (ГО) и медиумите, особено што тие имаат клучна улога во правилно прикажување на фактите, споделување добри, но и лоши практики, подигнување на свеста и придонес за зголемување на знаењето во изнаоѓање решенија за справување со загадувањето на воздухот. Соработката со медиумите ќе обезбеди да се задржи вниманието на јавноста за прашањата поврзани со загадувањето на воздухот на национално и локално ниво, како и притисокот врз носителите на одлуки да дејствуваат и да покажат резултати на двете нивоа.
Клучна алка во овој процес е инвестирањето во и мотивацијата на младите новинари ширум земјата подобро да се запознаат со темата и да се поттикне интерес кај новинарите за следење и известување за проблемите со аеро загадувањето, со што ќе се обезбеди одржливост на иницијативата и по формалното завршување на проектот.
Во таа насока е и улогата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), како најстара и најголема организација во земјата, во соработка со УНДП да придонесе кон градење капацитети на локалните новинари за следење и известување на теми и прашања поврзани со загадувањето на воздухот и јавна промоција на квалитетни медиумски содржини. Активностите во рамките на проектот ЗНМ ќе ги реализира во периодот од јули 2023 до декември 2025 година.
[1] Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е дел од Програмската рамка на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), финансирана од Шведска. Проектот го имплементира УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица.
Во рамки на програмата исто така се спроведува и проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.