Шарпланинскиот воздух го загадува депонијата во Глоѓи

Некогашниот фудбалски стадион во селото Глоѓи стана дива депонија, на која неконтролирано се фрла комунален смет, кој во неколку наврати се самозапалува. Локалните власти немаат капацитет да се справат со проблемот на кој граѓаните се жалат. Експертите препорачуваат преземање мерки за управување со отпадот и изградба на регионална депонија, со што значително ќе се намали загадувањето, како на околината, така и на амбиенталниот воздух.
Каде што чади, таму има оган, а токму од чадот доаѓа опасноста за загадување на воздухот. Вака некако интерпретираме една народна мудрост, во контекст на новото време, кога сме соочени со опасноста од загадување на нашето опкружување.
Постои уверување дека во горските и планинските подрачја, воздухот е чист, благопријатен за белите дробови. Но, фрапира податокот дека во самото подножје на најголемата планина во Македонија (Шар Планина), на територијата на Oпштина Теарце не се дише здрав воздух.

На петнаесетина километри од Тетово, на север, кон границата со Косово, во селото Глоѓи тлее еден проблем. Дива депонија, која често се самозапалува. Таа е една од дванаесетте, кои, според евиденцијата на Oпштина Теарце, се евидентирани на нивна територија. Покрај неа минува и локалниот пат Глоѓи-Добрoште по кој, исто така, се фрла ѓубре, а отпад се фрла и на приватни парцели. Оваа слика е честа низ полошкиот регион. Од тие причини државата прави напори да се регулира депонирањето на сметот во овој регион.
Некогашниот симбол на спортскиот живот стана ѓубриште
Разговаравме со неколку жители во селото Глоѓи за проблемите. Речиси сите истакнаа еден ист проблем и се пожалија на дивата депонија. Парадоксално е што ова место некогаш било спортски терен. Некогаш гордост, а сега е голем срам, велат тие.
– Тој простор, кој е на излезот од селото, е спортски центар од 1979 година. Таму играше и фудбалскиот клуб Шари. Тој беше симбол на спортот за целиот регион, сите села од Јажинце до Непроштено. Глоѓи беше јадро околу кое се собираа љубителите на фудбалот. Ете, сега депонијата што е создадена без контрола ја избледи убавината на овој крај, вели Бурхан Амити, жител на Глоѓи.
Неговиот соселанец Бесник Беџети потврдува дека дивата депонија е закана по здравјето на луѓето и смета дека се потребни итни мерки за отстранување на отпадот на таа локација.
– Депонијата е многу блиску до куќите. Не можеме ни да ги отвориме прозорците бидејќи оттаму се шири многу лош мирис. Најтешко е кога времето е потопло.
И Ермир Бајрами се согласува дека на некогашниот стадион не смее да има дива депонија и додава дека на ова место, освен жителите на Глоѓи, ѓубре фрлаат и од други места.
– Тоа треба да се отстрани и општината да преземе иницијатива и потоа да ги зголеми мерките за да не се повтори, мислам дека е срам за целата општина.

Градоначалникот Нухи Незири е свесен за проблемот и се обидува да најде решение, но како што вели, за тоа се потребни пари, кои локалната самоуправа не може да ги обезбеди. Кога последен пат гореше оваа депонија, побарале помош од владата на РСМ. Добиле одговор дека за тоа ќе треба да почекаат на ребаланс на државниот буџет и да се санираат последиците.
– Имаме неколку места што се предвидени за одлагање на инертен отпад, но, за жал, нашите граѓани ги користат за фрлање и на друг отпад, иако операторот го собира. Не е само таа депонија, таа е една од најголемите, а такви има околу 11 или 12 во целата општина, вели Нухи Незири, градоначалник на Општина Теарце. За палењето на отпадот, тој вели дека е дело на неодговорни и на несовесни граѓани.
Од депонијата во Глоѓи, во воздухот се испуштаат канцерогени гасови

Колку дивата депонија во селото Глоѓи е опасна по здравјето на луѓето и негативно влијае врз околината? Одговор на ова прашање и на уште некои други добивме од професорот Асан Идризи од Државниот универзитет Тетово ДУТ. Неговиот последен научен труд дава попрецизни податоци за состојбата, како во полошкиот регион, така и во Глоѓи. Професорот Идризи потврдува дека на дивата депонија во последниве десетина години се одлага комунален смет и отпадоци од пластика и текстил. Нему му е познато дека често на оваа локација се појавува оган. Тој укажува и на штетноста од материите што се испуштаат во воздухот со согорувањето на отпадот.
– На вакви места, неконтролирано, покрај комуналниот отпад се фрла и медицински отпад и друга пластична амбалажа. Тоа во најголем број случаи се пали и секако има значително влијание врз загадувањето на животната средина. Согорувањето на овие пластични материјали и друг опасен отпад резултира со ослободување на канцерогени гасови и разни диоксини, кои потоа се шират во атмосферата, вели Идризи.
Според извештаите на СЗО, ваквите материи остануваат долго време во атмосферата, од 10 до 12 години. Затоа, вели професорот Идризи, не е случајно што во Тетово и околината се бележи стапка на смртност од рак до 38 отсто.
Тој смета дека ваквата состојба е последица на тоа што не постои целосно и организирано управување со отпадот, особено во руралните населби.
Здравствените работници укажуваат и на една друга опасност. Во полошкиот регион, во изминативе години има надминување на дозволената гранична вредност на ПМ10 честичките. Во сите 12 месечни извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух, за Тетово било регистрирано дека нивната концентрација е над 50 микрограми. Тоа е далеку од светските здравствени стандарди, каде што е пропишано дека не треба да има повеќе од 35 дена со загаден воздух.
Специјалистот по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово, д-р Ратко Давидовски посочува:
– Не постои минимална концентрација на ПМ10, која е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човековиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европската Унија, каде што прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50, како кај нас, изјави д-р Давидовски.
Рециклирањето на отпадот и подигање на свеста се решение
Во извештаите на Европската Унија, од Македонија постојано се бара преземање мерки за управување со отпадот на регионално ниво, како и преземање мерки на регионално и на национално ниво, во заштитата на воздухот. Во националната стратегија за управување со отпад, треба да се изгради модерна регионална санитарна депонија во полошкиот регион, каде што ќе се депонира целиот отпад.

Бурхан Амити, како жител на Глоѓи, смета дека за надминување на состојбата, надлежните институции треба да бидат поистрајни во спроведувањето на мерките за заштита и да бидат поригорозни кон неодговорните граѓани и кон другите загадувачи.
– Вината е на општината и на инспекторатот, кои треба да се занимаваат со ова и да излезат на терен. Имаше и ветувања дека ќе се исчисти и ќе се постават камери. Засега ништо. Ние, како жители, бараме итна интервенција на општината.

Освен жителите, кои треба да се први во управувањето со отпадот, според професорот Идризи, во процесот е потребно поактивно учество и на компаниите што го собираат и транспортираат отпадот.
– Важно е да се знае дека отпадот, особено комуналниот, не смее да се пали. Во неговиот состав има болнички отпад, гуми и пластика. Затоа најважен чекор е сите тие да бидат вклучени во процесот на управување со ѓубрето, да го носат и транспортираат надвор од населените места и да не се депонира во близина на руралните средини.
Состојбите во последниве години се подобруваат, но тоа не е доволно. Анализите покажуваат дека има напредок и треба да се истрае во тој правец.

Докторот Давидовски смета дека намалувањето на бројот на денови доаѓа поради повеќегодишните обиди и преземените мерки за подобар квалитет на воздухот.
– Во зимските месеци сѐ уште има највисоко аерозагадување. Тоа е поради тоа што и понатаму греењето на дрва е најзастапено кај домаќинствата. Сепак, во изминативе години се презедоа повеќе мерки и активности, па многу луѓе почнаа да користат клима-уреди или пелети. Имаме подобрување, но не смее општеството да запре, туку да продолжи да се бори за уште поквалитетен воздух, смета Давидовски.
Подготвија: Башким Сулејмани, Сенат Зулбари и Зоран Г. Маџоски
Фотографии:Башким Сулејмани и Сенат Зулбеари
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.
