Чадиковски: Повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски заедно со претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Павле Беловски денеска беа гости во Утрински брифинг каде говореа на неколку важни и актуелни теми. Од страна на претседателот Чадиковски беа истакнати активностите кои ЗНМ ги имаше во изминатиот период, а посебен акцент стави на последниот случај со колешката Соња Колевска-Делевска од дигиталната редакција сакамдакажам.мк, која вчера беше повикана на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, а по поплака на државна службеничка која е раководителка во Министерството за правда.
Чадиковски во гостувањето во Утрински брифинг истакна дека: ,,Случајот со новинарката Соња Колевска Делевска се надеваме дека е инцидент и дека не станува збор за тенденција или намера да се заплаши или замолчи новинарката. Доколку тоа МВР го утврди како инцидент инсистираме да го истражи до крај како и да следи санкција за тој полициски службеник кој ја направил оваа грешка. Ова е прв ваков случај во поново време, станува збор за преседан каде за текст во кој што се открива злоупотреба на власта, конкретно во Министерството за правда се повикува новинар на информативен разговор. ЗНМ будно ги следи овие трендови и состојби и сакам да потенцирам дека очекуваме разрешница за случајот со колешката Соња Колевска – Делевска” рече Чадиковски.
Во разговорот, претстедателот на ЗНМ ја истакна бесплатната правната помош која претставува одлична можност новинарите и медиумските работници кога сакаат да тужат за можна пријава, како и доколку имаат било каква закана или отворено прашање во однос на безбедноста може слободно да се обратат до ЗНМ.
Чадиковски потенцираше дека: ,,Во последните години има позитивен исчекор во однос на тужби кон новинари кои не се добиени од страна на тужителите. Судиите лесно и брзо ги отфрлија тужбите бидејќи станува збор за SLAPP тужби кои ги користат функционерите за притисок врз новинарите но она што во овој период загрижува е растечкиот тренд на SLAPP тужбите кон новинари и медиумски работници”.
Целиот разговор можете да го проследите на видеото во прилог.