Средба со новинарите од Охридско-струшкиот регионален центар при ЗНМ

Во рамките на тековните активности кои Здружението на новинарите на Македонија ги реализира во текот на целата година, беше одржана работна средба со членовите на ЗНМ од регионалниот центар во Охрид на која учествуваа новинари и дописници од локалните како и дописници од националните медиуми.
Целта беше да се опфатат клучните сегменти и секојдневните предизвици со кои новинарите и медиумските работници се соочуваат во охридско-струшкиот регион
Пред присутните беше најавена тренинг академијата за новинари, T-AJM, а воедно беше разговарано и за проектните активностите со UNDP преку кои ќе бидат вклучени дел од новинарите и медиумските работници од локалните медиуми за обработка на теми за аерозагадувањето, како да се справиме со нив, но и за зајакнување на капацитетите на овие медиуми за справување со дезинформации и родово-базирани дезинформации.
Се разговараше и за редовните повици за награди кои ги организира ЗНМ и за фактот што има тренд на зголемување на апликации на новинари од локалните медиуми. За време на средбата Горан Момировски, регионалниот координатор од Охрид ја сподели информацијата во однос на зголемувањето на бројот на нови бенефиции за членовите на ЗНМ кои вклучуваат транспорт и медицински услуги со план до крајот на годината да се зголемат поволностите во сите шест регионални центри на ЗНМ на територијата на Македонија.
Пред колегите се обрати и Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ кој рече:
„Наша професионална обврска и долгорочна цел е да продолжиме да ги промовираме новинарските стандарди и интегритет, без разлика на општествените случувања. Преку конструктивен пристап и заеднички предлози, ќе работиме заедно на решавање на проблемите со кои се соочуваат колегите од локалните медиуми“ – рече Чадиковски.
До крајот на годината ќе следат уште пет средби со членовите од регионалните центри на ЗНМ и тоа од регионите во Битола, Штип, Охрид, Струмица , Тетово и Куманово. Една од целите е да се зголемат бенефициите на членовите и на локално ниво од членството во ЗНМ но и да се разговара за тековните активности на Здружението.