Средба на работна група за градење отпорност против насилниот екстремизам и тероризам

Вчера на 29 септември на Факултетот за безбедност во Скопје се одржа средба на работната група на која учествуваа претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Иницијативата за европска перспектива (ИЕП) и високи претставници на МВР, Националниот координативен центар за борба против насилен екстремизам и тероризам како и деканот и претставници на Факултетот за безбедност во Скопје.
Целта на оваа работна група е да има периодични средби помеѓу новинари и претставници на институции кои работат на прашања поврзани со превенција на тероризам и насилен екстремизам. Преку подобрената комуникација на новинарите и претставниците на овие институции се очекува институциите да бидат потранспарентни на оваа тематика а новинарите да ги запазуваат етичките стандарди кога известуваат на теми поврзани со тероризмот и националниот екстремизам.
Со поздравен говор кон учесниците на работната група се обрати директорот на ЗНМ, Драган Секуловски кој истакна дека целта на овој проект е да се влијае кон намалување на непрофесионалното известување во јавноста на теми поврзани со насилниот екстремизам и тероризам. Конкретно проектот ќе придонесе кон зајакнување на капацитетот на дел од новинарската заедница како и на претставниците на јавните институции во начинот на известување за насилниот екстремизам и тероризам.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски им се обрати на присутните во својство на претседател на здружението но и како долгогодишен новинар и уредник,
“Јас како долгогодишен уредник во медиуми можам да кажам дека реализацијата на овој проект многу ќе помогне на новинарите. Кај новинарите постои мистификација за овие теми, поради што често ненамерно знаат да направат грешка при известување на теми од ваков вид. Овој проект е отворање на мостови на соработка помеѓу новинарите и институциите “.
Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски истакна дека сите сме партнери во ова, како и дека тие може да бидат од голема помош и укажат на оваа специфична тема. „Важно е новинарите да бидат посветени и мотивирани да го градат ова со внимание. МВР е најголема и носечка институција која со своето однесување дава поддршка и пример за соработка. Изработка на протокол на оваа тема би било добро решение кој би бил насочен кон одредена група засегната на оваа тема“.
Оваа активност беше спроведена во рамки на проектот “Градење отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници” кој е имплементиран од Здружението на новинарите на Македонија ЗНМ, Иницијатива за европска перспектива ИЕП и Институтот КОНИЦА. Проектот е финансиран од страна на ЕУ во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism – STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism).