Средба на новинарскиот форум при ЗНМ: солидарноста во фелата е предуслов за поквалитетно новинарство

Триесетина уредници и поискусни новинари како и претставници на граѓански организации од медиумскиот сектор дебатираа на прашања поврзани со локалните медиумски политики. На оваа средба беше претставена и новата анализа на ЗНМ во која сублимирани законските решенија кои се важни за работата на новинарите и медиумите насловена како „Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во РСМ низ призмата на постојната законска рамка – Како до подобри решенија?“.
На средбата беше дискутирано за тековните трендови и случувања во медиумската сфера и беа дискутирани клучните наоди од спроведената студија, по што следеше дискусија на теми поврзани со унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници, и подобрување на законските решенија со кои се уредуваат прашањата од медиумската сфера.
На почетокот на настанот, Сашо Орданоски, координатор на форумот кој го водеше состанокот ги поздрави присутните новинари и медиумски работници: ,,Драги колеги, ме радува што со физичко присуство се собравме да продискутираме за тековните трендови во медиумската сфера како и случувањата во медиумите последнава година, ова беше тешка година посебно за медиумските работници кои работа во услови на криза земајќи ја во предвид пандемијата и затоа е добро да видиме кои се научените лекции.“
На средбата свое обраќање имаше и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски: „Во овој момент е клучно да се каже дека во следниот период претстојат измени на неколку законски решенија кои можат многу да придонесат за зголемување на професионалноста во медиумската сфера во земјата како што е Кривичниот закон и очекувањата со овие измени да се подобри безбедноста на медиумските работници. Освен тоа ЗНМ работеше интензивно и на измените на Законот за граѓанската одговорност од клевета и навреда со што бараме уште поголема заштита на новинарите во овој закон посебно во висината на надоместокот на нематеријалната штета. Во врска со законите кои после неколку години остануваат неимплементиран, сакам да потенцирам дека во следниот период ни следи избор на членови во АВМУ и МРТ каде од особена важност е само професионалци да влезат во тие тела, бидејќи според нас тоа е единствениот пат за професионализација на јавниот сервис и медиумскиот регулатор.“ – потенцираше Чадиковски.
На настанот на која освен истакнати уредници и новинари, претставници на секциите на ЗНМ како и на партнерските медиумски организации имаше конкструктивна дисксуија и се заклучи дека овој формат на споделување на ставови е добар и дека треба да продолжи во иднина.
Новинарскиот форум е советодавно тело во рамките на ЗНМ каде членуваат истакнати и искусни новинари и претставници на медиумски организации. Оваа платформа има за цел да придонесе во инклузивно креирање на политиките на здружението. Настанот беше организиран во рамките на регионалниот проект „Унапредување на дијалогот помеѓу новинарските здруженија и парламентите од Западен Балкан за посилен граѓански сектор” (Improving the dialogue between journalists’ associations and parliaments in Western Balkans for stronger civil society sector), финансиран од страна на СИДА преку проектот „Заштита на граѓанскиот простор – Регионален центар за развој на граѓанското општество“ во реализација на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (BCSDN).

