Средба на новинарите од источниот регионален центар

Новинарите од Регионалните центар на ЗНМ – Исток во сабота (5 ноември 2022) во Берово одржаа консултативна средба на тема „Предизвици со кои се соочуваат новинарите надвор од Скопје при известување на теми од областа на правосудството“.
Освен освртот на сознанијата претставени во националната студија „Ставови и перцепции на новинарите за транспарентноста на правосудството во Северна Македонија“, на средбата се дебатираше и за состојбите и проблемите на новинарите и медиумските работници во регионот, со цел да се изградат ставови за насоките во кои се очекува да се движат активностите на ЗНМ во иднина.
Новинарите се запознаа со резултатите објавени во студијата, пред се со заклучоците и препораките, но и имаа свои дополнителни предлози за подобрување на состојбите во оваа област коja се однесува на штипска Апелација. Во таа насока новинарите предложија да се организира и директна средба со оваа институција за да се дефинира начинот на комуникација. Слична е состојбата и со обвинителствата. Кај основните судови има подобрувања, назначени се лица за односи со јавноста, но новинарите сметаат дека е потребно зголемување на поголема комуникацијата и во овој сектор.
Отворено истакнување на проблемите беше карактеристика на дебатата посветена на состојбите и проблемите на новинарите и медиумските работници. Уште еднаш се покажа дека најголем камен на сопнување и незадоволство e финансирањето на локалните медиуми како еден од најголемите проблеми со кои се соочува новинарството во внатрешноста. Овде исто така беше потенцирано и дека тековните законски решенија исто така ги привилегира националните медиуми на штета на регионалните и локалните.
Уште една работа која е во тек, но уште нема позитивен исход, е решавањето на статусот на дописниците на МРТВ кои подолго време работат на месечни договори без платени придонеси. Исто така, колегите бараа да има поголемо учество на членови на ЗНМ од внатрешноста во органите и телата на ЗНМ, за да не се повтори сегашниот случај, кога во УО нема ниту еден член надвор од Скопје.
На средбата стана збор и за претстојното Изборно собрание на ЗНМ, за можни кандидати кои ќе бидат поддржани за членови на Управен, Надзорен одбор и за Совет на честа, а новинарите побараа кандидатите за Претседател на ЗНМ да имаат средби со Регионалните центри, за да ја претстават својата програма.