Случајот „Филан” и известувањето за урбани терористички напади

Новинарските известувања за овие, сензитивни, теми треба да бидат посеопфатни, врз основа на извештаи исклучиво од стручна истрага, за да не поттикнуваат дополнителни бранувања во јавноста и говор на омраза, кој и самиот по себе е кривично дело.
Пред неколку месеци, европските медиуми објавија вест за судски процес кој почнал на 2 септември годинава, во Франкфурт, а поврзан со планиран терористички напад во Германија од тројца млади луѓе. Информацијата кај нас стана особено интересна, по објавата дека предводник на групата бил Германец со македонско потекло. Сега на овие лица им се суди, откако минатата година организирале неуспешен терористички напад, во којшто учествувал и Германецот со македонско потекло, заедно со уште двајца турски државјани кои престојувале во оваа европска земја.
Тоа што посебно ја разбранува македонската јавност беше објавувањето на идентитетот на напаѓачот, Филан Митрев, син на познатиот кардиохирург, д-р Жан Митрев. Овој податок не беше во посебен фокус на странските медиуми, што не беше случај и со домашните. Оттука, различен беше и начинот на следење на случајот и неговото анализирање во странските и во македонските медиуми.
Се покрена лавина од информации, анализи, толкувања од повеќе македонски медиуми, секој осврнувајќи се од свој агол, дел од нив со официјални податоци, но во дел од медиумите се забележуваше и нагласен сензационализам.
Во недостиг на сознанија за вистинскиот мотив за овој напад се плетеа разни толкувања кои беа дел од медиумскиот дискурс. Потоа, по неколкуте сензационалистички наслови од типот „Тој не е мој син!“ и по половично наведените информации, неверојатно силно и тенденциозно одекнаа обвинувањата на дел од граѓаните кон неговиот татко, познатиот кардиохирург, Жан Митрев. Акцент се ставаше врз семејната генеза и начинот на кој, наводно, функционирало семејството Митреви, посочувајќи на ‘вина’ на таткото. Врз основа на таквото, шпекулативно, известување, јавноста брзоплето го „нацрта“ профилот на Филан, а во исто време настана и вистинска “бучава” по социјалните мрежи со најразлични тврдења, но ретко кое поткрепено со сериозни извори.
Според Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, информациите од овој вид се од висок јавен интерес, зашто пренесуваат вести поврзани со обвинение за тероризам во Германија.
– „Во таквото известување, секако, мора да се води сметка како и за сите други теми од јавен интерес, и тоа бара целосно почитување на професионалните стандарди, но и почит кон достоинството и угледот на членовите на семејството. Не може вината за однесувањето на возрасни лица одговорноста да ја сносат родителите. Уште понеодговорно е таквите „аналогии“ да произлегуваат од самите медиуми. Опсесивните „анализи“ од овој вид на социјалните мрежи и во медиумите не само што се тотално непотребни, туку може да имаат и последици.“ – истакнува Тунева.
Новинарските тези и опсервации со сензационалистички пристап се сметаат како провокација за дел од читателската публика, а ваквите тези лесно се пренесуваат и на социјалните мрежи, со што следуваат и дополнителни шпекулации, честопати проследени со невкусни квалификации и коментари. Преку коментарите се фрлаше сенка врз стручноста на лекарот, се одеше и дотаму да се употребуваат квалификации од типот „такви се северџаните“. Ваквите обвинувања, иако звучат гротескно, упатуваат на една широка политичка заднина и желба да се искористи секој момент за линчување.
Со извртување на првичната изјава на лекарот „Тоа не е мој син!“ голем дел од „клик-медиумите“ ја хиперболизираа до ниво дека „лошиот татко“ се откажал од синот, за потоа дополнително да го пренесуваат неговото појаснување дека станува збор за полнолетно момче врз чиј живот како родител веќе и не може да влијае.
Имаше информации кои водеа кон погрешна претстава и беа причина за еднострани коментирања на настанот, занемарувајќи какви било поинакви факти.
Универзитетската професорка доц. д-р Весна Попоска вели дека недостигаат едукативни стории, за да ѝ се помогне на најмладата популација која евентуално би потпаднала под негативни влијанија.
– „Медиумите имаат клучна улога за превенција на процеси на радикализација, и преку начинот на известување и преку содржините кои ги пласираат. За жал, особено во дигиталниот простор, медиумите повеќе бркаат сензационализам отколку да останат доследни на улогата која треба да ја вршат. Многу е тенка границата помеѓу правото на јавноста да биде информирана и тоа да биде соодветно информирана, а притоа да се заштитат правото на приватност и дигнитетот на семејствата. Во транзициските општества сигнализацијата е неизбежна и може да претставува дополнителен извор на радикализација. Од друга страна, ни недостигаат истражувачки стории на темата, а и какви било примарни истражувања. Постојат гласини, но не и факти, па ги охрабрувам медиумите да ги истражат.“ – посочува доц. д-р Попоска.
Меѓу оние коишто професионално ѝ пристапија на темата е веб-порталот на магазинот „360 степени“, во текстот со наслов „Македонецот обвинет за тероризам во Германија е синот на д-р Жан Митрев“, за чии потреби се користени податоци од повеќе извори и од релевантни истражувачки медиуми од Германија.
Таму акцентот се става на доказите, без да се впуштат во индивидуални авторски интерпретирања и објаснувања на обемните податоци кои ги наведуваат. Притоа се запазени принципите на кои мора да се темели известувањето за теми поврзани со тероризам.
Уште во првата реченица, во воведот, се објаснува и расплетува целата сторија, со што се посочува и поентата.
Пример: „Групата од три момчиња, која ја водел Филан Митрев, беше уапсена во ноември 2019 г., во обид да изврши напад во кој би убиле што повеќе „неверници“. Германските медиуми го користат примерот како доказ дека жртви на радикалните групи не се само млади кои потекнуваат од сиромашни семејства. Ја сменил верата, па сакал да убива „неверници“. 25-годишното момче е обвинето и за подготовка на самоубиствен напад кој планирал да го изврши врз паб во Заксенхаузен.“ – се вели во новинарскиот текст.
Детално се земени релевантни податоци од германскиот локален медиум „Франкфуртер Рундшо“, кој ја истражува сторијата од прва рака. Во анализата се содржани информации дека Филан веќе ѝ бил познат на полицијата, поради историја на претходни напади, злоупотреба на пари, проблеми со зависности и изнуди на пари од непознати. Се посочува и комуникацијата и обидите на татко му за враќање на ‘вистинскиот пат’.
Значајно прашање што, генерално, не е отворено во медиумите е адресирање на потребата од разбивање на стереотипот дека терористите се исклучиво со исламска вероисповед или дека потекнуваат од посиромашните социјални слоеви, како и од дисфункционални семејства. Но, таков пристап има во текстот на „360 степени“, каде што се разгледуваат и финансиските аспекти на радикализираните и учеството во терористички акти од лукративни причини.
Универзитетскиот професор и декан на Факултет за безбедност во Скопје, д-р Никола Дујовски, на неодамнешната обука на тема „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници“, организирана од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), вели дека сè повеќе се јавуваат случаи на самоорганизирање и радикализирање на млади луѓе. Тие, според него, најчесто и не се под директна и строго организирана команда на ИСИС, за што и бездруго нема доволно информации околу она што се случува во таквата речиси „херметички затворена организација“, туку самоиницијативно преземаат одредени акции на радикализам и терориза. Тоа, впрочем, и не значи дека е случај и со Филан Митрев.
Случајот е доста комплексен и бара дополнителна стручна анализа од експерти по безбедност, криминолози, психолози и професионални новинари, дотолку повеќе што отвора нови погледи и нова димензија на урбаниот тероризам и неговите нови регрути, сè понепредвидливи, како и за каналите на регрутирање и набавка на оружје.
Автори на сторијата : Огнен Јанески. Валентина Ѓорѓиевска – Парго, Елизабета Стојановиќ , Игор Мојаноски
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија