СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ: КОГА ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ГИ ПОЧИТУВААТ СВОИТЕ ОБВРСКИ

СТОРИЈА 4
Дваесет дена е законскиот рок за институциите да одговорат на барањето за слободен пристап до информации, но битката на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ да дојде до бараните информации трае веќе две и пол години.
Четири барања за пристап до информации од јавен карактер, за набавка на јаглен и мазут за енергетски кризната 2021 и дел од 2022 година ќе поднесат новинарите од ИРЛ до државната Електрани на Северна Македонија во март 2022 година. Но, наместо одговор, ќе добијат молк од АД ЕСМ.
Од ИРЛ продолжуваат да го користат своето право за жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. И покрај тоа што агенцијата ќе ја усвои жалбата и ќе ја задолжи ЕСМ да одговори на барањата доставени до нив, тоа нема да се случи. Изговорот на акционерското друштво ќе биде дека информациите содржеле деловни тајни за кои нема јавен интерес да бидат споделени со медиумите.
Електрани ќе направат сѐ за да не ги обелоденат информациите и ќе побараат и од Управниот суд да донесе привремена мерка за да не се објават информациите. Но, во јули 2022 година, судот ќе го одбие предлогот на ЕСМ, како неоснован. Наместо пристап до наведените склучени и веќе исплатени договори, ЕСМ ќе ја тужи Агенцијата бидејќи одлучила во полза на ИРЛ и донела одлука дека акционерското друштво мора да ги даде сите барани информации.
„За една од овие тужби, управниот суд годинава пресуди во корист на Агенцијата и во корист на барателот на информации, односно ИРЛ. Но, тие сега покреваат нови постапки. Тоа ги чини пари даночните обврзници, се трошат народни пари за бесмислени тужби само затоа што тие сакаат да скријат непријатни детали од нивното работење, кои потенцијално може да ги инкриминираат“, вели Сашка Цветковска, главна и одговорна уредничка на ИРЛ.
ЕСМ СО ИСТА ПРАКСА ЗА СИТЕ НОВИНАРИ
Со иста ситуација, една година подоцна ќе се соочи и новинарот на „Фокус“, Влатко Стојановски. Адресата повторно е ЕСМ, само бараните одговори по слободен пристап до информации се различни. Стојановски, во мај лани побарал одговор на прашањата кои се ангажираните подизведувачи за ископ на јаглен и помошна механизација и на која сума биле склучени договорите. Ги навел и сите договори, 60 на број.
Според него, во случајот, не станува збор за класифицирани и доверливи податоци, притоа јавен интерес е да се утврди кои се „скриените“ подизведувачи, дотолку повеќе што и тие се финансираат од јавни средства, ама по посреден пат, односно преку изведувачите.
„Поради ваквата поставеност на релација договорен орган-изведувач-подизведувачи, постои сомнеж дека како подизведувачи се протнуваат, условно кажано, спорни или сомнителни компании, кои на ваков начин добиваат дел од колачот, односно на мала врата добиваат (значаен) дел од договорот, без притоа да се експонираат во јавност. Токму затоа барав податоци за подизведувачите, со цел да ги проверам информациите дали меѓу нив има нови фирми, човек-фирми, фирми на партиски активисти и функционери итн. Меѓутоа, со недоставувањето податоци за нив и покренувањето бесмислена судска постапка, ЕСМ ја оневозможи нашата проверка, а истовремено овој однос ги засилува сомнежите дека меѓу подизведувачите се кријат контроверзни фирми и лица“, вели Стојановски.
ЦЕЛТА ДЕМОТИВИРАЊЕ НА НОВИНАРИТЕ
Во случајот на ИРЛ, тужбите ги почнал поранешниот директор Васко Ковачевски, а продолжиле и со следниот Васко Стефанов.
„Станува збор за моќна компанија, чии директори се лица од најблиските кругови на политички моќните и ова не е само притисок врз слободната мисла, туку и притисок врз Агенцијата, која треба да се демотивира да постапува по нашите жалби и да го штити правото на јавноста да знае што се случува во нивните, граѓански фирми“, додава Цветковска.
ЕСМ повторно ќе се обиде на ист начин да го избегне обезбедувањето на информациите и на барањето на „Фокус“. По доставената жалба на Стојановски до агенцијата и позитивното мислење, ЕСМ повторно ќе тужи во Управниот суд. Во јуни годинава, судот носи решение дека тужбата е неоснована.
„Во ситуација кога повеќе од една година не ги добивам информациите што ги барам и прашање е дали воопшто ќе ги добијам, и покрај тоа што второстепен орган наложил да ми бидат доставени, а во чија корист пресудил и судот, кој ја отфрлил тужбата на имателот на информациите, се поставува прашањето која е смислата на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој предвидува кратки рокови, во кои, не само ЕСМ, туку сите иматели на информации од јавен карактер треба да постапуваат? Со ваквото однесување на ЕСМ, фактички се девалвира Законот и стануваат депласирани неговите одредби во делот на роковите и други параметри“, вели Стојановски.
Од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер велат дека во последно време, зачестена е праксата имателите на информации да поведуваат управен спор против нивните одлуки како второстепен орган.
„Апсурдно е да се поведуваат тужби од страна на првостепен јавен орган против одлуката на второстепен јавен орган. Наместо тоа, првостепените јавни органи – иматели на информации, информациите од јавен карактер треба проактивно да ги објавуваат на своите веб-страници“, велат од агенцијата.
Лани до агенцијата се поднесени вкупно 8 тужби, од кои две доаѓаат од локалната самоуправа, односно од општините Струга и Охрид.
ТРАНСПАРЕНТНОСТА Е ПОТРЕБА, А НЕ ОБВРСКА
За комуникологот Бојан Кордалов, проблематично е што институциите во земјава не сфаќаат дека транспарентноста не е само обврска, туку и потреба.
„Од причина што тие ги трошат парите на граѓаните и мора да дадат отчет, поради тоа што не трошат од својот џеб, туку трошат од џебот на секој човек, и токму тука доаѓаме до медиумите, кои се чувари и заштитници на јавниот интерес, значи на граѓаните. Втората работа што македонските институции, колку и да се прават дека ја разбираат, за жал недоволно е, а тоа е дека не постои медиум или новинар што поставува прашање за да го носи дома, туку поставува прашање затоа што ја интересира јавноста и ќе даде отчет, критика, пофалба, каде и дали правилно се трошат народните пари“, смета Кордалов.
Од Агенцијата не ги доживуваат тужбите како притисок врз неа, бидејќи тие постапуваат согласно законите и во заштита на јавниот интерес.
„Сепак, за барателот на информацијата е важно бараната информација да ја има навреме. Ненавременото постапување по барањата, од страна на јавните органи – иматели на информации, а во тој контекст и поднесување тужби против одлуките на Агенцијата како второстепен орган, го отежнуваат навременото добивање на информациите, што секако е негативна појава, која треба да се коригира во интерес на развојот на едно демократско општество, во кое институциите треба да работат врз принципите на транспарентност, отчетност и одговорност“, сметаат оттаму.
Притисокот од институциите не е само врз новинарите, посочува Цветковска, туку институциите, односно власта ги напаѓа и независните агенции формирани во парламентот, чија задача е да се осигураат дека администрацијата нема да молчи кога јавноста има прашања за нивната работа.
„Македонија, со години, се бореше за квалитетна комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, бидејќи во минатото, владејачките партии наоѓаа начини да ја ослабнат комисијата. И кога конечно институцијата стана посилна и во одбрана на слободната мисла, тогаш владините институции најдоа нов начин за да го одложат давањето информации – поднесуваа тужби против самата комисија, иако тие се без мерит и иако знаат дека по закон не би можеле да добијат такви постапки на управниот суд“, посочува Цветковска.
И покрај тоа што нивната стратегија се покажа успешна, бидејќи ЕСМ сѐ уште не ги доставува информациите, иако ги поседува, тоа не смее да ги демотивира новинарите упорно да бараат информации и да ги публикуваат во интерес на јавноста, смета Стојановски.
„Во конкретниот случај, ЕСМ набргу ќе има ново раководство, па треба да видиме како сега државната компанија ќе постапува во однос на моето и слични барања. Односно, дали ЕСМ сега ќе биде респонзивна и едноставно ќе го почитува законот или, пак, ќе биде нетранспарентна, како досега“, порачува тој.
Според Кордалов, институциите, не само што не треба да тужат, туку не треба воопшто да чекаат да им бидат поставувани прашања како ги трошат парите и воедно да се фокусираат на дигиталната транспарентност.
„Секако дека исклучок се класифицираните информации. Но, 99 проценти од работите се јавни. Жално е што институциите не се фокусираат на граѓаните и на нивните потреби. Само во транспарентно општество може да се живее без корупција“, додава Кордалов.
Во меѓувреме, се смени управниот одбор на ЕСМ, а се чека смена и на директорот, а ИРЛ и „Фокус“, односно агенцијата ја чека продолжување на битката, овој пат пред Апелацискиот суд, а бараните информации и натаму остануваат под превезот на доверливоста.
Автор: Марија Митевска
Тематската сторија е изработена во рамките на проектот „Заштита на слободата на изразување и независноста на медиумите како столбови на демократијата во Република Северна Македонија“ финансиран од Европската Унија. За нејзината содржина одговорен е исклучиво авторот и нужно не ги одразува ставовите на Европската Унија.
