Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Регистарот на СЕММ и ЗНМ постои за препознавање на професионалните медиуми, а не за делење дозволи за движење

ZNM
Sunday 22 March, 2020Sunday 22 March, 2020/ Sunday 22 March, 2020

Во пресрет на најавените мерки за ограничување на движењето на граѓаните во периодот од 21 до 06 часот, Владата на РСМ вечерва објави насоки за начинот на издавање на дозволи за работа на терен на новинарите и медиумските работници. Сметаме дека е важно во услови на криза институциите да најдат начин за новинарите и медиумските работници да бидат присутни на терен, со цел да ја информираат јавноста за тоа дали се почитуваат мерките кои се на сила, но и воопшто да известуваат за прашања од јавен интерес.

Според објавените насоки, дозволи ќе се издаваат на сите традиционални медиуми кои се регистрирани во Агенцијата за медиуми, а за онлајн медиумите само на оние кои се дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми објавени на платформата www.promedia.mk

Во контекст на ова, укажуваме дека зачленувањето во Регистарот на професионални онлајн медиуми е на волонтерска основа и служи за да се промовираат и афирмираат медиумите кои ги почитуваат професионалните стандарди и критериумите за членство, како помош на граѓаните при изборот на медиумите за нивното информирање и на бизнис заедницата во пласирањето на нивните реклами. Целта на Регистарот е да се следи почитувањето на новинарските стандарди, да се поттикнува професионалноста и да се алармира на прекршувањата, но не може да служи за ограничувања во секојдневното извршување на работните задачи.

Оттука, сметаме дека ограничувањето според кое медиумите кои не се дел од овој Регистар не можат да добијат дозвола за движење со цел вршење задачи во услови на полициски час не е оправдано и бараме Владата да го преиспита ваквиот чекор.

Во исто време сите онлајн медиуми потребно е да бидат свесни за тежината на изречениот збор во вакви времиња и да сфатат дека одговорноста од евентуално непрофесионално известување е нивна, но последиците ќе ги трпат граѓаните. Затоа уште еднаш повикуваме на професионалност и внимателност во изнесувањето на информации поврзани со кризата.

ЗНМ и СЕММ остануваат отворени за соработка со сите јавни институции кои вложуваат напори за да се надмине кризата поврзана со коронавирусот, а во насока на креирање мерки со кои ќе се заштити здравјето на граѓаните, но со кои ќе се гарантира и слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwitterlinkedin
Ознаки: