Регионална конференција во Белград „Новинарството на удар: Време на неслобода и непоколебливост на професијата“

Претставници од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од 29 септември до 1 октомври активно учествуваа на регионалната конференција „Новинарството на удар: Време на неслобода и непоколебливост на професијата“, што се одржа во Белград.

Конференцијата ги собра новинарите, правните експерти и претставниците на граѓанското општество од регионот на Западен Балкан со цел да дискутираат за најголемите предизвици со кои се соочува медиумската заедница.
Во рамките на програмата, на панел-дискусијата за безбедноста на новинарките на Западен Балкан учествуваше Верче Тодоровска Костовска каде што ги презентираше резултатите од изваштајот „Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2024“

На панелот „Безбедност на новинарките во Западен Балкан – помеѓу родовото насилство и професионалните притисоци“ се обрати новинарката и член на ЗНМ, Лепа Џундева каде што заедно со неколку новинарки од регионот ги споделија своите лични искуства на закани и насилство кон нив. Дополнително, Билјана Арсовска од Основното јавно обвинителство во Скопје зеде учество на панелот посветен на безбедноста на новинарите и неказнивоста на нападите врз нив.

Посебно внимание предизвика панел-дискусијата за СЛАПП тужбите, каде модератор беше извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски. Во овој дел беа презентирани предизвиците и последиците од злоупотребата на тужбите како средство за притисок и заплашување на новинарите.
Во рамки на конференцијата во кој учествуваа стотина претставници на новинарски здруженија, синдикати и останати институции, беше претставена Декларација за подобрување на безбедноста на новинарките во Западен Балкан – посветеност кон родовата еднаквост, слободата на медиумите и демократската отчетност.
Оваа активност беше организирана од страна на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), партнерската организација на ЗНМ, во рамките на Safe Journalists платформата.

