Регионален центар ЗНМ од Битола: Конструктивни согледувања и идни насоки

Како дел од активностите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) со регионалните центри на 28.10.2023 беше одржана работна средба на која учествуваа триесет новинари и сниматели од локалните и дописници од националните медиуми од Битола и Прилеп.
Целта на оваа средба беше да се разговараат секојдневните предизвици со кои новинарите и медиумските работници се соочуваат во битолско-прилепскиот регион, како и да се споделат конструктивни предлози и сугестии како да се зголемат бенефициите за членовите на здружението, но како и да се разменат информации за тековните активности и оние кои следат.
Пред присутните колеги се обрати Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ кој рече: „Свесни сме за недостигот на финансиска стабилност и независност во локалните медиуми и дека таквиот начин придонесува да сме подложни на цензура и влијание. Но многу ме радува што денес сме тука и имаме прилика солидарно и конструктивно да разговараме за креативни решенија со цел да ги надминеме овие предизвици а со тоа и да го издигнеме новинарството како професија, но и да продолжиме да ги промовираме новинарските стандарди и интегритет.“ – истакна Чадиковски.
За време на средбата, регионалниот координатор од Битола, Жанета Здравковска, ја сподели информацијата во однос на зголемувањето на бројот на нови бенефиции за членовите на ЗНМ кои вклучуваат одредени намалувања на цените на некои комерцијални и услужни дејности за новинарите и медиумските работници со план до крајот на годината да се зголемат поволностите во сите шест регионални центри на ЗНМ на територијата на Македонија.
,,Присуството на триесетина новинари од Битола и Прилеп на средбата укажува на сплотеност на новинарската фела и припадноста кон ЗНМ. Сепак, состојбите во новинарството не се розови зашто се помал е интересот за ангажирање новинари дописници, а локалните медиуми се економски слаби. Новинарите кои останаа од љубов да ја работат професијата се последните Мохиканци”, рече Здравковска

Во Битола беше разговарано и за проектните активностите со UNDP преку кои ќе бидат вклучени дел од новинарите и медиумските работници од локалните медиуми за обработка на теми за аерозагадувањето како и справувањето со дезинформации и родово-базирани дезинформации на локално ниво. На средбата беше најавена тренинг академијата за новинари, T-AJM каде на системски структуриран начин ќе бидат понудени обуки и тренинзи во контекст на градењето на капацитетите на новинарите од 2024 година.
Во контекст на безбедноста на новинарите од овој регион беше споделено дека во овој момент не се забележани посериозни инциденти и нема тековни тужби од и кон новинари.
До крајот на годината ќе следат уште четири средби со членовите од регионалните центри на ЗНМ и тоа од регионите во Штип, Струмица, Тетово и Куманово, каде покрај актуелните предизвици, ќе се дискутира и за зголемувањето на бенефициите на членовите и на локално ниво од членството во ЗНМ но и да се разговара за тековните активности и можности.