Работилница на ЗНМ и ДЗР: „Соработка помеѓу новинарите и ревизорите како предуслов за етичко известување на теми поврзани со јавното финансирање“

Здружението на новинари (ЗНМ) и Државниот Завод за Ревизија (ДЗР) во текот на вчерашниот ден одржаа онлајн вебинар поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје на тема „Соработка помеѓу новинарите и ревизорите како предуслов за етичко известување на теми поврзани со јавното финансирање“. Вебинарот беше наменет за новинари, особено оние кои следат економија, ревизори како и лица од одделот за односи со јавност на ДЗР.
Целта на овој настан е унапредување на соработката помеѓу новинарите и ревизорите која е од особено значење за етичкото известување во јавноста за теми кои се поврзани со јавното финансирање. Низ практични примери и интерактивни вежби ревизорите имаа можност да им образложат на новинарите во контекст на правилната употреба на терминологијата, толкувањето и сл. додека пак новинарите имаа можност да анализираат ревизорски извештаи, да се здобијат со појасна слика и разбирливост при толкување на податоците и други важни аспекти кои би придонеле за поквалитетно етичко известување во јавноста.
Поздравни обраќања имаа Илона Казарјан, раководителката на Отсекот за комуникации и односи со медиумите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Младен Чадиковски, претседател на Здружение на новинари (ЗНМ), Максим Ацевски, главен државен ревизор.

Младен Чадиковски во својот говор ја поздрави соработката помеѓу ЗНМ и ДЗР и напомена дека е потребна поголема транспарентност и отчетност на институциите пред граѓаните, но и поголема професионалност и комуникација на новинарите.
„Потребно е заедно да сфатиме дека и едните и другите работиме во интерес на граѓаните. За нив, ревизроските извештаи не значат ништо ако новинарите кои ги презентираат пред јавноста не ги разбираат. Токму затоа потребна е оваа соработка која ќе не направи заедно посилни “ – потенцираше Чадиковски.
Илона Казарјан во својот говор истакна: Истражувачките новинари и слободниот печат се клучни во следењето на протокот на капитал и добра, како и во барањето на одговорност од надлежните тела во име на доброто владеење. Истражувачките новинари, граѓанските организации и активистите за антикорупција играат важна улога во разоткривањето на корупцијата и застапувањето за построга антикорупциска легислатива.
Максим Ацевски, Главниот државен ревизор, исто така ја поздрави реализацијата на меморандумот за соработка помеѓу ЗНМ и ДЗР со надеж за поголеми успеси и продолжување на соработката. Тој ги истакна активностите од 2020 година досега, отвореноста на ДЗР кон медиумите и досегашниот напредок од тоа.
„Целта на активностите е да се зголемува бројот на засеганати страни кои ќе ја добијат потребната информација. На почетокот на 2020 година имавме 40 засегнати страни, сега тој број е 380. Зголемена е соработката со новинарите, 91 новинар, 11 национални телевизии, новински агенции и останати медиуми. ДЗР секогаш инсистира да ги зголемува активностите, негува да биде активен чинител во општеството се со цел да се испорача квалитет до граѓаните “ рече Ацевски.

Покрај 25 учесници и преставниците на организациите, предавачи беа: Горан Теменугов, експерт за односи со јавност, Татјана Димитровска, експертка за државна ревизија и Милан Спировски, проектен истражувач во ЗНМ кој беше модератор на настанот.
Учесниците кои беа дел од работилницата и сите претставници на ДЗР на крајот го изразија своето задоволство од настанот, со надеж за продолжување на активностите од овој карактер.
Овој настан е организиран од Здружението на новинарите, во рамките на активностите кои произлегуваат од заедничкиот потпишан Меморандум за соработка помеѓу ЗНМ и Државниот завод за ревизија (ДЗР) и поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Содржината на оваа работилница не секогаш ги одразува погледите или ставовите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.