Работилница за иднината на новинарството: Баланс помеѓу иновациите и безбедноста

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, реализираше тридневна работилница на тема „Вештачката интелигенција во редакциите – Потрагата на Северна Македонија за балансот помеѓу напредокот и иновациите наспроти безбедноста“, која се одржа од 11 до 13 декември 2024 година во Крушево.
Настанот го отворија извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, и официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, Даниел Браун, кои ја нагласија важноста на оваа иницијатива за подобрување на новинарските практики во дигиталната ера. Работилницата привлече новинари, медиумски професионалци и експерти, кои заедно истражуваа како вештачката интелигенција (ВИ) може да се интегрира во редакциите, притоа зачувувајќи ги етичките стандарди и безбедноста на новинарите.

Програмата опфати интерактивни сесии и практични вежби водени од страна на Борис Ристовски, Мартин Петровски и Суад Сефери. Учесниците ги истражуваа основните концепти на медиумската писменост, идентификуваа дезинформации и манипулативни содржини, и ги користеа ВИ алатките за проверка на факти и создавање новинарски содржини. Исто така се разговараше за правните аспекти и етичките стандарди во користењето на ВИ.



Линдита Кока која беше учесничка на обуката сподели свои впечатоци и истакна дека ова беше одлична можност за продлабочување на знаењата за интегрирање на вештачката интелигенција во редакцијата. ,,Техниките за организирање и анализирање на податоци, како и алатките за визуелизација на содржини, ми помогнаа да ги разберам новите трендови и да ги прилагодам на потребите на мојот тим. Вештачката интелигенција не е само иднина – таа веќе е тука, и оваа обука ни помогна да се подготвиме за нејзините предизвици и можности.“
Во текот на вториот ден, акцентот беше ставен на правните аспекти и сајбер безбедноста, при што учесниците дискутираа за техники за заштита од дигитални напади, децентрализирани технологии како Web3, и транспарентноста во употребата на ВИ. Оваа сесија отвори нови перспективи за медиумските професионалци, но и ја потенцираше потребата за адаптација на етичките стандарди во новите дигитални околности.

Учесничката Бојана Спасовска сподели свои впечатоци и укажа дека обуката за користење на алатките на вештачката интелигенција беше вистинско откритие за неа. ,,Научив како ефективно да ги користам алатките како ChatGPT за брзо генерирање идеи и анализирање информации, што значително го олеснува моето секојдневно работење. “

Последниот ден беше наменет за практични вежби каде што учесниците користеа ВИ алатки како ChatGPT и MidJourney за анализа на бази на податоци и создавање оригинални визуелни и текстуални содржини. Работата на реални сценарија им овозможи на учесниците да ги применат новостекнатите вештини и да добијат практичен увид во предностите на дигиталните технологии.

Со оваа работилница, ЗНМ и Фондацијата Конрад Аденауер ја потврдија својата посветеност на зајакнување на капацитетите на новинарите и медиумските професионалци во Северна Македонија. Оваа иницијатива има за цел да овозможи одговорно и иновативно новинарство, кое ќе обезбеди точни, етички и безбедни информации за јавноста, со што ќе придонесе за унапредување на медиумската сфера и демократското општество.
Фото: ЗНМ
