Пругата на мигрантите: Мост помеѓу стравот, смртта и надежта за подобро утре

Пруга, за некого обично студено железо на кое минува воз, за некого кревет на кој се сонува за топол дом, за други мост што го поврзува минатото и животот од кој побегнале и иднината и желбата за подобро утре. Движејќи се по непознати земји и нови локации, најдобар патоказ на мигрантите им се железничките пруги. Одејќи по нив, тие имаат некаква сигурност дека нема да се загубат во местото, онака како што го изгубиле домот, семејствата, идентитетот…
Од една стана се жртви на шверцерите кои заработуваат на сметка на нивната мака, а од друга страна, дел од нив се агресивни бегалци што посегнуваат дури и по кражби. Имав прилика да ги видам одблизу, на пруга во близина на Лисиче. Беше топол ден, пролет, а тие со студени чекори ги газеа камењата низ пругата. На сонцето се прекршуваа нивните сенки, но тие не го забележуваа ниту својот одраз на светлината, ниту сонцето… Неколкумина возрасни, две дечиња што ги носеа в раце (по процена, не беа повозрасни од 5 години) и зад нив повозрасен маж со инвалидитет, кој одејќи на патерици, се обидуваше да ги стаса. Имаа само една цел, да стигнат побрзо до крајната дестинација во ЕУ-земјите. Бегаат од сиромаштија или војна…
„Не успеаја да ме разберат многу. Се обидов да им се приближам, но колку што јас се плашев од нив, толку и тие се плашеа од мене. Се обидов со гестови, им замавнав со рака, но се свртеа и продолжија со забрзано темпо. Само еден од нив ми одмавна со раката, покажувајќи го правецот како што ги води пругата. На шините немаа никаков патоказ, немаше ниту знаци што можеа да ги предупредат дека чекорењето по пругите може да биде опасно, дури и фатално“, според граѓанин кој честопати наидувал на мигранти.
Не успеав да чујам ниту на кој јазик зборуваат, ниту, пак, можев да се обидам на јазик што можеби го разбираат да ги прашам од каде доаѓаат и каде се упатени. Повозрасните во очите имаа и тага и надеж во исто време. Само очите на децата беа затворени. Тие спиеја во прегратките, онаму каде што се чувствуваа најбезбедно. И во сонот со рачињата цврсто се држеа за возрасните, кои, пак, на грбот носеа торби во кои, најверојатно, го спакувале сиот свој живот.
За дел од овие луѓе пругите се надеж за нов правец и подобар живот, некои од нив чекорат по пругите од страв да не се изгубат, други, пак, уморни од пешачењето, заспиваат на студените железа и сонувајќи за мека перница го губат животот токму во сон, додека спијат.

Почнувајќи од крајот на 2014 година, па сѐ до крајот на септември 2020 година, на територијата на Македонија животот го загубиле вкупно 39 мигранти.
Според земјата на потекло, седум лица се од Сирија, пет од Авганистан, тројца од Бангладеш, двајца од Пакистан и еден од Мароко, а останатите не се идентификувани.
Најголем дел од загинатите мигранти животот го загубиле во железнички незгоди, дури 30. Потоа, пет мигранти го загубиле животот во сообраќајни незгоди, кои ги предизвикувале возачите – шверцери, тројца се удавиле при обид да ја преминат Сува Река, во близина на селото Моин, гевгелиско, а едно лице без знаци на живот било пронајдено во провалија покрај магистралниот пат Удово – Демир Капија.
Во април, 2015 година, во близина на Велес воз усмрти 14 мигранти, а меѓу нив имаше и малолетници. Уште еден малолетник мигрант беше прегазен во мај, на шините покрај Демир Капија. Овие лица се и жртви на трговија со луѓе, но честопати не се ни свесни за својата ранливост и вклученоста во синџирот на трговија со луѓе.
МВР објаснува дека во случаите на откриени кривични дела со шверцување мигранти се постапува според насоките од Јавното обвинителство и националното законодавство. За локацијата на која ќе биде сместен странецот во текот на постапката (Прифатен центар за странци, привремени транзитни центри, безбедни куќи, болничко лекување, доколку има потреба од тоа итн.) се одлучува за секој случај поединечно, врз основа на повеќе фактори (околностите во кои е откриено лицето, возраста, здравствената и психофизичката состојба, семејната состојба, дали е лицето од ранлива категорија, итн.).
Шверцувањето мигранти е честа појава кај нас. Во периодот од 1 јануари 2018 до 18 ноември 2020 година, во Основниот кривичен суд во Скопје решени се предмети за 184 обвинети за шверцување мигранти. Од нив, правосилни се пресудите за 117 лица, од кои за 70 пресудата е донесена врз основа на признание на вина.
Последната голема акција на МВР, во која по претреси на објекти на подрачјето на Гевгелија, Скопје, Штип и Куманово беа приведени шверцери на мигранти, се случи минатиот месец.Беа приведени 10 лица. Групата, во периодот од декември лани до минатиот месец, спровела повеќе од 100 мигранти, а за услугите наплаќале од 500 до 700 евра.
Во Член 29 од Уставот на РМ е утврдено дека странците уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.
Назми Малиќи, професор по безбедност, појаснува дека раселените лица се граѓани што поради настанати кризни состојби во својата држава, односно поради страв дека ќе бидат прогонети поради расата, верата, припадноста на социјална група или политичкото убедување, бараат прибежиште во друга држава, а масовно ја напуштаат својата земја.
„Познато е дека граѓаните на нашата земја отсекогаш имале една одлика – хуманоста. Тоа е докажано низ сите времиња на овој македонски простор. Во несреќите и во неволјите, во катастрофите и во небитијата, без разлика на уредувањата и системите, граѓаните ја имале оваа одлика, да им помагаат на луѓето. Најголема потврда за тоа беше прифаќањето, сместувањето и грижата за раселените лица коишто по распаѓањето на поранешна СФР Југославија, за да го спасат животот, дојдоа и најдоа сигурност и закрила токму кај нас. Центарот за управување со кризи и извештаите што ова тело ги објавува за својата работа имаат важна улога за мигрантите. Исто така, втор и многу важен извор се месечните и периодичните извештаи на канцеларијата на УНХЦР во Скопје во врска со еволуцијата и почитувањето на Конвенцијата од страна на државните-потписнички на Конвенцијата. Државите што ја ратификувале Конвенцијата за бегалците се обврзани да ги заштитат бегалците на своите територии, според условите содржани во неа. Најважната измена во законодавството, чија единствена цел беше да се ублажи влијанието на бегалската и мигрантската криза, е таа во Законот за азил и привремена заштита од 18 јуни 2015 година. Оваа измена ја овозможи „легализацијата“ на статусот на бегалци и мигранти што транзитираат низ земјава, обезбедувајќи правна основа за нивното присуство на нејзината територија, како и употребата на јавен превоз и хуманитарна помош. Пред да стапи во сила оваа промена во законската рамка, бегалците и мигрантите што влегуваа на територијата на Република Македонија (особено оние што го правеа тоа надвор од легалните меѓународни гранични премини) имаа само една правна можност, да поднесат барање за азил на територијата на Република Македонија“, вели професорот Малиќи.
За тоа како влијае илегалниот транспорт на мигрантите и кои би биле штетите за државата и за граѓаните, професорот додава дека примената и почитувањето на правата на бегалците што се во транзит кај нас, почитувањето и преземањето на сите мерки за спроведување на одлуките на конвенциите и спогодбите за правата и придобивките на бегалците, се клучните форми околу кои ќе се развива ова прашање, кое во форма претставува краток, но реален одраз на сите случувања од 1991 година до 2016.
Во врска со балканската рута и дали нашата земја е подготвена да прими мигранти, професорот Малиќи додава дека огромно мнозинство бегалци и мигранти што влегле на наша територијата го продолжиле патувањето преку таканаречената „Западнобалканска рута“ до избраните земји во Северна и Западна Европа.
„Од вкупниот број 477.876 регистрирани бегалци и мигранти што се нашле на територијата на нашата земја, во периодот меѓу 19 јуни 2015 и 7 март 2016 година, само 115 лица решиле да поднесат барање за азил. Освен опишаните законски измени, применуваме голем број политички мерки овозможени од постојното законодавство, главно во контекст на механизмите за управување кризи. Во оваа смисла, на 19 август 2015 година, Владата усвои одлука за постоење кризна состојба по јужната и северната граница. Во согласност со оваа одлука, Центарот за управување на кризи го активираше своето главно седиште и усвои Акциски план за превенција и управување со влезот и транзитот на мигранти низ територијата на државава. Згора на тоа, оваа одлука ѝ овозможи на Армијата да им обезбеди соодветна помош на полициските сили во нивните напори за обезбедување на границите и контролирање на влезот на бегалци и мигранти на територијата на Република Македонија. Оваа одлука на Владата, подоцна, беше одобрена од Собранието, според постапката утврдена во законодавството за управување на кризи. Според одлуката на Собранието, времетраењето на кризната ситуација е продолжено до 15 јуни 2016 година. Подоцна, дополнително е продолжено до 31 декември, 2016 година“, вели професорот по безбедност.
Малиќи додава дека освен што има обезбедено основа за доделување помош на полициските сили од страна на Армијата во процесот на обезбедување на границите, објавувањето кризна состојба овозможи мобилизирање дополнителни човечки и технички ресурси во напорите за управување со транзитот на бегалци.
Таквата мобилизација овозможи воспоставување транзитни кампови за бегалци по јужната и северната граница, каде што на мигрантите и бегалците им се дава неопходната хуманитарна помош, а се овозможи и изградбата на привремена физичка бариера (двослојна ограда) по должина на јужната граница, што значително ги намали можностите за неконтролирано и нерегистрирано преминување на границата меѓу Република Македонија и Република Грција.
Според статистиката на МВР, во 2016 година се регистрирани 127.358 нелегални мигранти. Следната година оваа бројка изнесува 4.129, а во 2018 се зголемува речиси тројно – на 16.895. Во 2019 година оваа бројка е 24.601, а во првите два месеци од годинава бројката на нелегално фатени мигранти е 5.383.
Заклучно со 25 октомври 2020, во Привремениот транзитен центар „Винојуг“, во Гевгелија, сместени се 12 мигранти (четворица од Бангладеш, по тројца од Пакистан и Сирија и двајца од Авганистан), а во Привремениот центар „Табановце“ сместени се 17 лица (Индија – девет, Пакистан – четири, Авганистан – три и еден од Тунис).
Автори на текстот : Катерина Додевска, Кристијан Трајчов, Емине Исмаили, Верче Костовска
Автор на фотографиите: Роберт Атанасовски
Оваа статија е изработена во рамки на проектот „Градење отпорност против насилниот тероризам и екстремизмот преку зајакнати капацитети на новинари, медиуми и владини претставници” (Building resilience against violent terrorism and extremism through reinforced journalists, media and government officials), финансиран од страна на Европската унија во рамки на програмата СТРИВЕ Глобал (Strengthening Resilience to Violent Extremism -STRIVE Global) преку Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism)
Содржината на статијата е одговорност единствено на авторите и ЗНМ, ИЕП и Институт Коница и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите и гледиштата на Европската Унија