Предизвици со кои се соочуваат медиумите и нивната улога на промовирање на европските вредности и мултикултурализмот

Во една прилика ценетиот филозоф Мухиќ истакна дека „Улогата на културните разлики е од витално значење за процесот на општествената интеграција, од чие успешно спроведување, пак, зависи стабилноста, па дури и опстанокот на една држава“. Во зависност од начинот на кој ќе бидат артикулирани и третирани од страна на државата, културните разлики можат да станат фактор на интеграција, или пак, да прераснат во фактор на дезинтеграција. Во таа смисла медиумите вклучително новата информатичко и комуникациска технологија овозможуваат брзо и едноставно поврзување на луѓето, а тоа несомнено води кон тоа медиумите да играат мошне значајна улога во интеркултурниот дијалог на сите полиња во секое општество, без разлика дали се работи за милтикултурно, бикултурно или национално. И тие треба да ги користат расположливите електронските ресурси за унапредување на дијалогот помеѓу различните култури во мултикултурното општество. Но дали е така кај нас?
За да дојдам до суштината сакам да презентирам неколку примери низ кои би виделе дали и колку во медиумите бил застапен говорот на омраза како број еден, според мене, ризик фактор за мултикултурализмот во земјава. Освен во членовите 10 и 11 од Кодексот на новинарите, одговорноста на медиумите е јасно дефинирана и во неколку препораки како што е препораката P-97/21 на комитетот на министри. Пред да прејдам на конкретни примери за предизвиците со кои се соочуваат медиумите ќе се навратам на податокот за бројот на претставки за кои Советот за етика во медиумите (СЕММ) оценил дека бил прекршен Кодексот на новинарите по основ на говор на омраза. А зошто говорот на омраза ќе пообјаснам подолу. Податоците говорат дека минатата година, 2020-та има 6 одлуки во кои е детектирано говор на омраза, односно прекршување на член 10 од Кодексот на новинарите. А годинава, пак, до сега има 1 одлука каде што е детектирано говор на омраза. Тоа квантитативно можеби и не е некој показател но содржински заради говорот на омраза е особено важно. На пример претставката која се однесува на интернет – порталот „екран.мк“ со текстот насловен „(видео) кого испраќаме на песна на Евровизија: Македонец или Бугарин? Васил Гарванлиев јавно призна дека има и бугарски пасош!“
Пример број два да речеме: Комисијата утврди дека во текстот на интернет порталот „off.net.mk“, објавен на 24 декември 2019 е прекршен членот 10 од кодексот на новинарите, чија отстапка, особено е нагласена во следните реченици од текстот: „Кале, МНТ, а сега и најново видео од центарот на Скопје на кое се тепаат млади луѓе за кои се претпоставува дека напаѓачите се дел од навивачката група шверцери“. „Комитите направија компилација со која сакаат да укажат дека нивните ривали никогаш не одговараат“. „Низата на инциденти ги ставија на филмско платно како асоцијација на дивеењето на шверцери во Македонскиот народен театар во Скопје (МНТ), а потсетија и на случувањата на скопското Кале каде камерите жив го фатија Заменик Министерот за Внатрешни работи како ослободува навивачи на фудбалскиот клуб Слога, меѓу кои и Артан Груби“.
Ова се само неколку од многуте објавени текстови во кои наместо во служба на етничката разноликост, националниот диверзитет, од новинарското перо токму тој се атакува. За жал се помалку се, би рекла недостигаат, дури се ретки сториите, прилозите, анализите или какви и да се новинарски жанрови кои обработуваат теми за мултикултурализмот. Напротив сè уште се присутни текстови кои придонесуваат за се поголема раздвоеност и се вистински ризик за соживотот и мултикултурализмот во земјата. Да тргнам од јавниот сервис каде работам од 1989 година. Во јавниот сервис постојат редакции на јазиците на заедниците, освен на албанската, постојат редакции на турската, српската, ромската, бошњачката и влашката заедница. Ако проследите настан кој е покриен од сите заедници а се работи за инволвираност на припадници на различни заедници често ќе се забележи дека секој го покрива настанот од аспект на интерес на заедницата на која и припаѓа заобиколувајќи ги основните стандарди и норми на професијата кои пред сè произлегуваат од Кодексот на новинарите. И тоа е најчесто кога се работи за меѓуетнички инциденти. Тоа не е толку можеби еклатантно во јавниот сервис како што е очигледно во медиумите, националните телевизии, на пример: Сител, Канал 5 наспроти Алсат-М, Шења итн. Уште позагрижувачко е што тоа се прави суптилно на некој начин филувано, еве на пример за протестите за случајот монструм, за убиството на Саздо, за убиството на малиот Алмир од Куманово, итн. Ајде овој последниот да го анализираме. Во медиумите на албански јазик се пишуваше дека возачот го убил Алмир, односно го прегазил со умисла, одејќи директно со возилото на него и неговата мајка, што можеше да се види од видеото, од друга страна медиумите кои информираат на македонски јазик се држеа до подоцна изменетото обвинение дека возачот на возилото кој претходно имал расправија со таткото на Алмир го прегазил момчето бегајќи од нападите на неговиот татко и роднините, итн.
Сметам дека оваа тема треба постојано да се актуализира меѓу новинарите, преку обуки, преку заеднички работилници, и други форми и формати, бидејќи ваквата поделеност трае уште од осамостојувањето па се до денес. Тоа е постојан предизвик за професијата, тоа е постојана рак-рана на целокупното општество и за жал се провлекува низ сите овие 30 години добивајќи различни форми.
Од еден друг аспект, ако согледуваме по етничкиот состав медиумите како да ги пресликуваат по својот состав политичките партии па се строго поделени со кадар од иста етничка припадност, со мали исклучоци на јавниот сервис, АЛСАТ – М итн. Факт е дека може на прсти да се избројат оние кои работат во медиум на јазикот на една етничка заедница, а и припаѓаат на друга. Јас лично во МТВ 1, меѓу првите ако не и прв новинар кој работи во редакција на јазикот на друга етничка заедница, Сунаи Сабриоски, Насер Селмани во Вест претходно во Макфакс, чинам, многу одамна Мухамед Зеќири во Канал 5, неколкумина во А1 но за кратко, обратно колеги во Алсат-М од македонска националност итн. Значи и доколку е случајот таков од свое искуство да говорам, тешко е на моменти можеби се доаѓа во искушение но новинарот, секогаш треба да се води само и само од кодексот, професионалните стандарди и етичките норми и да се издигне над себе си и својата припадност, тогаш се негово, останува зад јавниот интерес и јавното добро во чија служба треба да е поради својата огромна општествена одговорност. Е сега некој ќе рече кој е јавниот интерес за една или друга етничка заедница, но доколку се следи кодексот-членовите 10 во кој стои:
,,Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка“), и членот 11 кој вели:
„Новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Северна Македонија“
Доколку исклучиво професионално се покриваат настаните, или истражувачките стории откриваат криминални дејствија за било кого криминалот не познава нација нели. Тогаш јавниот интерес, борбата против него, е повеќе од јасен за која било од заедниците. Главно во оваа сфера медиумите се сè уште поделени на кампуси според етничката припадност, а со тоа на друга култура, ова не треба да значи дека треба да го намалува просторот за промоција и оживотворување на мултикултурализмот туку напротив да креира поинаков приод за ваква промоција… но дали е тоа така?
Што се однесува до промоцијата на европските вредности, јас ќе го фрагментирам приодот, во смисла европски вредности од професијата кон јавноста и европските вредности во и за професијата. Првиот, аспектот од професијата кон вредностите тука сме поединствени, нема ТВ, радио, портал, весник нема медиум во кој не се промовираат евроинтеграциите, владеење на правото, слободата на изразување итн. Екологијата – особено загадувањето и правата на ЛГБТ заедницата теми кои до вчера беа ,,табу” се повеќе се отвораат и секако најчести се вестите за евроинтегративните процеси на пример и тоа високо во првите минути на информативните едиции. Макар што има мали исклучоци, би рекла незначителни кои од одредени центри оркестрирано навиваат за тоа дека не мора да сме дел од ЕУ. За вториот, аспектот на европските вредности во корист на новинарската професија до некаде е солидно воведувањето, примената на новите технологии, особено паметни телефони, онлајн извештаи, камери и друга опрема која го подобрува новинарскиот производот, еве да ги земеме пример видеоснимките од настаните кога од галеријата на собранието беа исфрлени новинарите, или на 27 април, иако можеби во судска постапка не може да се користат сепак тоа за органите на прогонот е доволно за постоење индиции да се поведе обвинение и да се бара одговорност итн. Но некако како да тапкаме во место или многу малку одиме напред во однос на европските стандарди за новинарската професија како што се новинарските плати, условите за работа, правата од работни односи, социјалната сигурност и безбедноста итн. Ако од ова се одземат јавниот сервис и Македонската информативна Агенција (МИА) во речиси сите други медиуми не се докрај решени овие суштински прашања кои во европската унија се уредени по далеку повисоки стандарди каде не смее да се помисли како на пример за пријавување новинари на пола работно време, неисплаќање на празнични дневници, спречување користење одмори според Законот за работните односи (ЗРО) и други непочитувања на правата од работни односи и професионално итн. И овде пред да заокружам иако темата е богата и неисцрпна, сакам само да нафрлам поента две, дека во современите мултикултурни општества слободата на изразување во определени ситуации може да биде и злоупотребена, а тоа се случува кога истата преминува во појава која е целосна спротивност од неа, односно кога слободата на изразување лесно преминува во говор на омраза. Што, пак, подразбира изразување на омраза спрема некоја определена група од поинаква расна, етничка, религиска или друга припадност. Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) досега има одржано повеќе состаноци со сите надлежни институции, вклучувајќи ги тука: основното јавно обвинителство, министерството за внатрешни работи, како и со претставници на судовите на Република Северна Македонија со цел да започне да се казнува говорот на омраза во медиумите. Исто така, ЗНМ има доставено писмени барања до ОЈО за да започне процедура за кривично гонење за јавно искажан говор на омраза, меѓутоа до сега резултатот е за последните 10 години од 26 судови во земјава се изречени само 5 пресуди за јавно искажан говор на омраза, за жал пренесуван од медиумите во јавноста при што медиумите индиректно учествувале. И ова не е сè уште кривично дело, а од друга страна е погубно што институциите не го препознаваат говорот на омраза.
Земајќи во предвид дека во Северна Македонија, ЗНМ има документирано повеќе јасни пораки на говор на омраза искажани во телевизиски емисии, како и на социјалните мрежи, може да се заклучи дека институциите во земјата едноставно одбиваат да постапуваат за прекршување на овие два члена од Кривичниот законик. И ова не враќа на почетокот дека единствениот патоказ во креирање на мултикултурализмот за еден медиум, за новинарите, генерално е почитување и самопочитување на професионалните стандарди и етичките норми – односно кодексот.
Фиљана Кока, новинар во МТВ 1 и Заменик претседател на ЗНМ