Практичен водич за реакција при координирани дигитални напади врз новинари и медиуми

Координираните дигитални напади врз новинари и медиуми сè почесто се манифестираат како брзи и организирани бранови на вознемирување – од масовни лажни пријави и организирано навредување и закани, до имперсонација, компромитирање профили и објавување лични податоци со цел заплашување.
Ваквите напади ретко се случајни. Тие можат да бидат насочени кон создавање паника, прекин на работата на новинарите и редакциите и нарушување на довербата во медиумот. Во одредени случаи, тие може да бидат дел и од пошироки операции на странско мешање и манипулирање со информации (FIMI – Foreign Information Manipulation and Interference).

Токму затоа, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) подготви практичен водич за редакции и новинари, кој нуди конкретни насоки за постапување во случај на координиран дигитален напад.
Водичот објаснува како да се препознае координиран напад, што да се направи во првите 60 минути и во првите 72 часа, како безбедно да се соберат и зачуваат доказите, како да се постапи кон платформите и кога да се побара поддршка од ЗНМ или да се пријави случајот до надлежните институции.
Посебно внимание е посветено на заштитата на приватноста и безбедноста на новинарите и медиумските работници. Основен принцип во постапувањето е „do no harm“ – да се заштитат луѓето, да се минимизира обработката на лични податоци и да не се преземаат активности што непотребно би ја зголемиле видливоста на нападот или би создале дополнителен ризик.
Водичот е наменет за уредници, новинари, администратори на профили на социјалните мрежи, менаџментот на редакциите, како и лицата задолжени за безбедност и правни прашања во медиумите.
Документот е изработен врз основа на практични случаи и искуства од работата на ЗНМ со новинари и редакции при постапување по дигитални инциденти, како и релевантни насоки за дигитална безбедност, зачувување докази и официјални процедури на платформите.
Што содржи водичот?
Водичот нуди практични насоки за постапување при:
- масовни лажни пријави;
- имперсонација;
- компромитирани профили;
- доксинг и закани;
- координирано онлајн вознемирување.
Целта е реакцијата да биде навремена, мирна, координирана и безбедна – без импровизација во моментите кога секоја минута е важна.
Линк до публикацијата: https://znm.org.mk/wp-content/uploads/2026/03/ZNM_SJN_policy-paper_2026_MK-fin.pdf
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија во рамките на проектот „SafeJournalist.net”. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Европската Унија.
